Во Пештани повторно почна да функционира амбулантата

Пештани повторно доби своја амбуланта. По пауза од неколку години денес офцијално беше отворена оваа здравствена установа. Во неа ќе имаат можност да се лекуваат жители од три села како и гостите кои доаѓаат на одмор.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Во Пештани повторно почна да функционира амбулантата . По пауза од неколку години во оваа здравствена установа ќе можат да добијат здравствените услуги жителите од Пештани, Трпејца и Љубаништа, но и гостите кои престојуваат во овие туристички места. Сега пештанци добиваат матичен лекар кој има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а кој се наоѓа во нивното место на живеење.

Особено е важно што е реализирано барање на граѓаните, бидејќи наша улога е да го слушаме гласот на народот и да правиме се што е во наша надлежност и да промовираме мерки и политики кои ќе се бенефит за граѓаните, потенцира директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.

Со функционирањето на оваа амбуланта повеќе од 3000 жители од овој дел ќе имаат матичен лекар кој ќе може подобро и навремено да се грижи за нивното здравје. Градоначалникот Никола Бакрачески го потенцира значењето на оваа здравствена установа и можноста граѓаните примарната здравствена заштита да ја добијат токму во местото на живеење.

За нас како локална самоуправа, отворањето на оваа рурална амбуланта, проект кој се реализира со напори на министерството за здравство и ФЗОМ, значи многу, бидејќи особено е важна покриеноста на давањето на здравствените услуги во сите делови од општината, особено во летните месеци кога бројот на гости е зголемен за два до три пати, рече Бакрачески.

За здравјето на пациентите ќе се грижи младиот доктор Сафет Салкоски, на кого ова му е прво вработување.

Иницијативата беше од министерството за здравство, со финансиската стимулација бев мотивиран и аплицирав за да ја отворам амбулантава. Ова е мое прво вработување, вели д-р Сафет Салкоски.

Амбулантата е во сопственост на Здравствен дом Охрид и е реновирана. Таа е првата рурална амбуланта која започна да функционира како резултат на објавениот оглас на министерството за здравство за пројавување на интерес за сите доктори кои сакаат да работат во рурални средини и склучат договор со ФЗОМ. Планирано е отворањето на уште шест рурални амбуланти во земјава кои ќе имаат матичен лекар.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top