Охрид ќе добие современа пешачка и велосипедска патека, на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“. Веќе започнаа градежните зафати на терен. Патеката ќе се гради со пари од општината, а треба да биде комплетирана до средина на есента. Предвидени се интересни содржини кои нема да ја нарушат автентичноста на овој дел од градот кој за охриѓани има посебно значење.
Започна изградбата на современа пешачка и велосипедска патека, на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“. Според планот патеката треба да биде направена од природни материјали како што се камени плочи и дрво, а ќе има и атрактивни содржини како што се мали мостови од дрвена конструкција кои ќе се протегаат од пешачката патека до малиот канал и ќе се поврзуваат со спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“. Ќе се исчисти и малиот канал , ќе се постават платформи кои ќе се дрвени и ќе служат за пристапување на пловните објекти и неколку видиковци. Портпаролот на локалната самоуправа Томе Џамтоски тврди дека со новиот проект нема да се нагрди природата и да се исечат дрвата кои децении наназад се наоѓаат на овој потег.
Ние ќе се потрудиме сето она што е зеленило да го вклопиме во планот. Дрвата нема да се сечат само оние кои се стари и веќе трули. Цело ова место треба да добие еден нов, современ лик, но и да ја зачува својата автентичност, вели портпаролот Џамтоски.
Делот од патеката кој ќе го прави Локалната е долг 346 метри, а целокупната патека до ресторанот Котва изнесува 560 метри. Вкупниот проект чини околу 20 милиони денари, а ќе биде финансиран со пари од општината. Проектот е изработен од Проект биро, а изведувач е Бифора од Охрид. Од локалната сметаат дека новата патека ќе ја подобри и функционалноста на каналот Студенчишта, а воопшто нема да ги намали можностите за одвивање спортски риболов, ниту пак ќе нанесе некаква штета на рибниот фонд во каналот како што деновиве тврделе некои граѓани.
Најодговорно тврдам дека локланата самоуправа ќе ги запази највисоките еколошки стандарси за заштита на животната средина. Цел тој проект ќе биде една функционална целина и нема никакво место за дилеми кај граѓаните дека амбиентот ќе биде нарушен, вели Џамтоски.
Бидејќи градежните работи на патеката веќе се во ек од локалната самоуправа ги повикуваат сопствениците на пловните објекти кои се паркирани покрај патеката да ги отстранат. Доколку сопствениците тоа не го направат, пловните објекти ќе бидат дислоцирани, а трошоците ќе паднат на терет на сопствениците.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град