Слаб притисок на вода во Струга

Слабиот притисок на вода од водоводната мрежа, ги остава граѓаните на Струга без вода за основните потреби за лична хигиена. Големи поплаки на сметка на Р.Е. Водовод упатија стружани, кои сметаат дека проблемот со слабиот притисок на вода треба да се реши час поскоро.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Стружани се жалат дека последниве неколку дена притисокот на водата е слаб, а во некои денови дури по 10 часа немале вода. Проблемот бил поизразен во станбените комплекси, велат граѓаните кои ги анкетиравме. Некои од нив пред камерата на ТВМ кажаа дека пуштањето на машина за перење е привилегија, додека пак дел од нив сметаат дека градежната експанзија си го направила своето.

„На задоволително ниво не е, ноќе има притисок, а дење не може да се приклучи машина за перење.
„Никаков е притисокот, кога немаме на приземје што да кажат луѓето кои се на повисоките спратови, притисокот е никаков, инсталацијата е од пред дедо Ное, значи постара е од мене, така да време е за голем зафат, менување на целата инсталација на вода“
„Седиме до 1 часот по полноќ за да испериме алишта, преку ден слаб е притисокот иако сме во куќа. Ова не е убаво ни за нас ни за туристите, а прошетајте во градов ќе видите дека на многу места од шахтите прелева вода“. „Притисок немаме посебно летниов период, преку ден, навечер некако има. Нема што да се прави, дали капацитетот на каптажите не задоволува, јас живеам во мислешевска населба, гледам луѓето употребуваат хидрофори да добијат малку вода….не можиме да осудуваме ни да оправдуваме, најголемиот проблем е експанзијата на градот а дотурот на вода е ист, што повеќе се разгранува тоа повеќе притисокот се намалува“ – укажуваат граѓаните

Надлежните од Р.Е. Водовод Струга, признаваат дека постои проблем околу водоснабдувањето на градот и околните места, но не открија детали за природата на проблемот.

Од МЈП Проаква велат дека слабиот притисок на вода за пиење се должи на тоа што настанале проблеми од техничка природа, но за какви проблеми не сакаа да прецизираат, кажаа дека ќе се изјаснат во текот на утрешниот ден. Екипите на Проаква синоќа од 7 часот работеле на отстранување на дефектот и ветуваат дека во наредните денови Струга ќе има притисок и вода за пиење.

Инаку, проблемот околу водоснабдувањето во Струга, посебно во летниот период, години наназад се провлекува и до ден денес не е решен. Граѓаните реагираат бидејќи уредно ги плаќаат сметките за потрошена вода која во летниот период по се изгледа за нив е луксуз.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top