Младите уметници дизајнери сеуште имаат можност да се пријават на конкурсот за избор на „Сувенир на градот Охрид“. Од нив се бара производот да биде уникатен, по кој во иднина нашиот град ќе биде препознатлив, а ќе служи за промотивни активности.
На 13 јули истекува последниот рок за избор на „Сувенир на градот Охрид“. Согласно Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општината, на средина на месец јуни Локалната самоуправа објави конкурс за избор на „Сувенир на градот Охрид“. Ѓоко Апостолов од Секторот за ТЛЕР вели дека очекуваат добри идејни решенија кои ќе помогнат да се направи вистинскиот избор за сувенир на градот препознатлив во промоцијата на Охрид.
„Тоа нема да биде официјален симбол на Охрид, за да се одбере официјален симбол на градот е процес во којшто треба да бидат вклучени многу поголем број на луѓе кои треба да бидат од браншите кои сами треба да го понесат товарот во оценувањето и изборот на тоа, ова ќе биде сувенир на Охрид кој што Локалната самоуправа ќе го користи во сопствените промотивни дејности“.
Според Апостолов, овој сувенир ќе може да дојде во рацете на секој којшто има потреба од него, бидејќи нема да биде ексклузивно правото истиот да го користи само Локалната самоуправа на Охрид. Но, Апостолов смета дека во моментов најважно е да се направи вистинскиот избор.
„Се надеваме дека ќе мотивираме млади уметници дизајнери кои што ќе се потрудат да ни понудат некое современо решение да не биде она кое што сме го гледале досега не само во Охрид туку и насекаде во туристичките места, туку да добиеме ново модерно иновативно решение, со кое што ќе може да покажеме дека Охрид може да се промовира на еден поинаков начин“.
Инаку како што веќе информиравме „Сувенирот на градот Охрид“ треба да биде прилагоден за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот. Тој производ мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата, автентичната природа и културата на градот. И секако мотивот на уметниците за уникатност на сувенирот е наградата која изнесува 30.000 денари.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град