За решавање на сообраќајниот хаос во Охрид потребна е сообраќајна студија. Ваков документ Локалната самоуправа на општина Охрид сеуште нема изготвено, бидејќи за тоа треба да издвои минимум средства во висина од 200 000 евра кои во општинскиот буџет ги нема, како што нагласи секретарот на општината. Ова прашање речиси една деценија се провлекува и никако да се реши, забележуваат дел од охридските градски избраници.
Охрид сеуште нема сообраќајна студија. Тоа е причина за сообраќајниот хаос кој што посебно во летниот период е евидентен низ охридските улици, забележуваат дел од градските избраници. Јован Стојаноски опозициониот советник вели дека никаде ја нема бомбастично најавуваната сообраќајна студија веќе четири години од страна на актуелното раководство на градската власт.
„Нема никаков сообраќаен проект, а тоа повлекува и соодветна прекршочна постапка која надлежниот орган понатака треба да ја поднесе. Она што граѓаните сосема јасно го знаат е што години наназад беше најавувана сообраќајна студија никаде ја нема, требаа да изработат сообраќаен проект за режимот на општина Охрид, никаде не е изработен, најавувана беше сообраќајна студија за велосипедските патеки исто така не беше доставена“ – вели Стојаноски.
Советникот на ВМРО – НП, Јоне Станкоски вели дека темата околу изготвувањето на сообраќајна студија е една од најелаборираните теми во охридскиот Совет и од самите записници може да се направи таа студија.
„Од 2005 година наваму не успеавме да она што секогаш кога се зборува за оваа одлука за потребата од носење на студија за режимот на сообраќај само тогаш ни текнува дека треба да се донесе таква студија или во екот на некаква кампања“ – изјави Станкоски.
Советничката Жаклина Лазареска, вели дека немањето на сообраќајна студија веќе се рефлектира и во безбедноста на одвивањето на сообраќајот на кружните текови во градов.
„Во делот на изградените кружни текови по Туристичка зголемен е бројот на сообраќајките а тоа не е евидентирано од службите за помалите незгоди. Ако дадеме една споредба на сообраќајки кога беа раскрсниците регулирани со сигнализација во просек имаше три месечно, а сега во денот имаме повеќе“ – забележува Лазареска.
Прашањето за сообраќајната студија, секоја година како тема била интересна за дел од советниците забележува, секретарот на општина Охрид Димитар Спасески. Тој вели дека оваа тема во јавноста се споделува со бројни сугестии, како и што треба да се направи за изготвување на истата и покрај тоа што, според Спасески повеќето oд советниците и јавната администрација не биле ниту стручни ниту повикани да зборуваат на таа тема.
„Оваа Локална самоуправа по преземањето на власта во Охрид направи сериозни обиди за изработка на сообраќајна студија. Беше стапено во контакт со техничкиот факултет од Битола каде што беше побарана определена помош, односно асистенција во изработка на овој докимент. Дотаму се отиде што се објавија три огласи за пројавување на комапанија која што ќе ја изработи студијата на општина Охрид и покрај тоа никој не се јавуваше и пред нас се наметна прашањето зошто е тоа така. Одговорот е многу едноставен, за да се отпочне еден ваков процес буџетото на општина Охрид треба да е подготвен за оваа намена да одвои минимум средства во висина од 200 000 евра за отпочнување на оваа студија – објаснува Спасески.
Спасески нагласува дека финансискиот аспект од водењето на розови економски политики во изминатиот период довело до една ваква состојба, во буџетот да нема средства за изготвување на сообраќајна студија, бидејќи локалната сеуште враќа долгови од минатото раководство на градската власт во Охрид.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град