АД „Галеб“ од летово воведува повеќе редовни линии до атрактивни дестинации во Албанија, а ќе има и повеќе вонредни линии до дестинации во земјава. Цените се популарни, а за деца има и попуст. Кон летните дестинации ќе сообраќаат модерни автобуси, удобно опремени и климатизирани.
На летување со АД „Галеб“. Овај автопревозник од летово воведува повеќе редовни линии до атрактивни дестинации во Албанија, како и повеќе вонредни линии до дестинации во земјава. Од 15-ти јуни веќе започна да функционира редовна линија Охрид – Саранда – Ксамил. На оваа релација ќе се вози секој втор ден со поаѓање во 22 часот од градската автобуска станица. Билет во еден правец ќе чини 40 евра, а повратен само 50 евра.
Цените се популарни. Повратен билет чини само 50 евра што мислам дека е прифатлива сума за граѓаните. Ќе има и попуст за деца под десет години за кои ќе треба да се плати половина цена, вели директорот на АД „Галеб“, Димитар Василевски.
Од 16-ти јуни, исто така секој втор ден се воведе и , редовна линија од Охрид до Валона со поаѓање во 7 часот од градската автобуска станица. Цената на билет во еден правец ќе изнесува 20 евра, додека повратниот билет ќе чини 30 евра.
Засега интересот за овие линии задоволува. Секако потребно е време додека граѓаните се информираат и почнат да го користат нашиот превоз за патување до овие туристички дестинации. Ние имаме добра соработка и со туристичките агенции во градов па така го усогласуваме превозот со аранжманите на туристите, објаснува Василевски.
Од „Галеб“ најавуваат и воведување нова линија за Драч и Тирана доколку има интерес кај граѓаните. Истата би започнала да функционира на 1-ви јули. Од 20-ти пак овој автопревозник воведува редовна автобуска линија секој втор ден за црногорското приморје: Улцин, Бар, Будва, Котор и Херцег Нови, како и кон познатите летувалишта Петровац и Суто Море. Цените на билетот во еден правец кон овие дестицаниции почнуваат од 25 евра. Поаѓањето од Охрид ќе биде секој втор ден во 22.30 часот од автобуската станица во Охрид. Кон летните дестинации ќе сообраќаат модерни автобуси, удобно опремени и климатизирани.
Вонредни линии кои се воведуваат за време на сезонава се вечерната линија Охрид – Битола – Прилеп со поаѓање во 20.30 часот која започна да функционира од 16ти јуни, како и нова сезонска линија кон Скопје со поаѓање во 21.30 часот, која ќе започне на 1-ви јули.
Новите линии најверојатно ќе функционираат до средината на септември, а ако има интерес можат да се продолжат и до почетокот на октомври.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град