Дефект на нисконапонска кабелска мрежа предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија во станбена зграда на булевар „Туристичка“, во Охрид. Тоа се случило утрово некаде околу 10 часот а станарите вознемирено ги напуштиле становите. Некои од нив се пожалија дека им прегореле дел од електричните уреди во нивниот дом.
Изгореа телевизори, фрижидери и други електрични апарати поради проблем со електричното напојување. Жителите од станбениот комплекс на ул. „Туристичка“ наспроти ОУ „Григор Прличев“, утрово се обратија до нашата телевизиска куќа реагирајќи дека не е прв пат да се соочуваат со ваков проблем.
„Некаде околу 10 часот настана проблем со струјата….сијалиците чудно се однесуваа, се слушна некаков звук и некаде окиолу 10 и 30 се запали телевизорот…ги повикав комшиите, се обидовме да го санираме проблемот, имаше голема миризба, исклучивме се и за кратко време сите станари од зградава излегоа надвор и се пожалаа дека имаат некаков проблем“.
Нашата соговорничка кажа дека екипите на ЕВН Македонија, веднаш пристигнале и почнале да интервенираат, ги провериле таблите и трафостаниците. Но сепак стравуваат дека станува збор за голем проблем кој треба да се реши, бидејќи зградата била речиси цела населена. Од ЕВН Македонија смируваат. Портпаролот Атанас Ковачевски вели дека поради дефект на ниско-напонска кабелска мрежа настанат бил прекин на снабдувањето со електрична енергија.
„Корисниците имаат пријавено дека имаат и одредени штети на електричните апарати. Секој корисник може да пријави до корисничкиот енерго центар на ЕВН Македонија во Охрид за настаната штета. Екипите на ЕВН Македонија и Комисија ќе утврдат дали се работи за оштетување на кој причинител е ЕВН Македонија, ако е таков случајот ќе бидат обесштетени корисниците или заменети електричните апарати“.
Ковачевски нагласи дека ЕВН Македонија е една од ретките компании кои при вакви случаеви кога има дефекти во снабдувањето, за кои, од било кои причини проблемот е предизвикан од ЕВН Македонија, има оддел каде што секој од корисниците може да побара надомест на штета.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град