Охридскиот Архив го одбележа Меѓународниот ден на архивите

Охридскиот историски Архив поседува едно огромно богатство кое што допрва ќе биде преведувано и јавноста ќе биде запозната со содржините. Оваа Установа може да се пофали со импозантна збирка на ракописи на турски, словенски и старогрчки јазик од 14 век на ваму, како и со библиотека на книги кои припаѓаат на новиот период после 1945 година. Ова го истакна Славица Јанкоска директорката на подрачното одделение на оваа Установа во рамки на  одбележувањето на  Меѓународниот ден на архивите, кое годинава се одбележува по деветти пат под мотото „Архиви, хармонија и пријателство”.

 |  Николоска Биљана  | 

Денеска светот го одбележува Меѓународниот ден на архивите. Овој ден се одбележува со цел да се зголеми јавната свест за архивскиот материјал, за неговото чување и заштитата, за подобрување на пристапот до него, промовирање на ретките документи и создавање подобра слика за архивските институции и нивна отвореност на глобално ниво. Првиот човек на регионалното одделение на Државниот Архив на РМ во Охрид, Славица Јанкоска, истакна дека одбележувањето на овој значаен датум, 9 ти јуни, го следи и нивната реномирана Установа, која последнава година бележи голем подем во подобрување на квалитетот на работата односно посвета на истражувачката работа.

„Неодамна одбележавме еден значаен јубилеј, во Скопје 65 години од постоењето, величенствена прослава на која ја издадовме монографијата по повод значајниот јубилеј на Архивот. Целта на нашето работење е да ги прибереме приватните колекции на луѓето да ги заштитиме и да ги извадиме на виделина за да можат да видат луѓето какво богатство поседува нашиот Архив – нагласува Јанкоска.

Регионално одделение на Архивот во охрид води посебна грижа за средување на материјали кои се од културно – историско значење за Македонија и за луѓето, нагласува Јанкоска

„Со гордост можам да кажам нашиот Архив поседува една импозантна збирка на ракописи на турски, словенски и старогрчки јазик од 14 век на ваму. Во моментов во Архивот имаме над 2650 книги од стариот период до 1945 година. Исто така имаме импознатна библиотека која што поседува многу книги кои припаѓаат на новиот период после 1945 година, така што охридскиот Архив поседува едно огромно богатство кое што допрва ќе биде преведувано и ќе бидеме запознати со содржините кои ги поседуваме“.

Инаку Државниот архив на Република Македонија како национален ден на архивите го празнува 1 април, денот на кој во 1951 година е формирана оваа институција, а во последните години го одбележува и 9 јуни, со пригодни советувања за архивските работници, презентирање на законската регулатива за архивско работење, изложби и слично. Меѓународниот ден на архивистиката е светски настан кој ја слави архивистиката и ја подигнува свеста за неа како наука, во исто време обезбедувајќи можност за учество на јавноста во архивистичките активности и дебати.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top