Ова е посебен празник за мештаните во Горно Лакочереј, но и за секој посетител кој ќе дојде да запали свеќа за здравје во прекрасниот манастир “Св.Спас”.
Бројни верници од цела Македонија денес се собраа во манастирот „Св.Спас“ во Горно Лакочереј за да го прослават вознесението христово-Спасовден. Манастирот од синоќа ги прима верниците и сите посетители почнувајќи со вечерната богослужба. Денес пак во манастирот се пееше утринска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски, г.Тимотеј. Верниците кои ги затекнавме во манастирот ги запрашавме како тие го прославуваат денешниот голем празник.
„Палиме свеќи за здравје, за семејството. Убаво, како и секоја година. Да ни помогне на сите.“
„Ние не сме оттука. Доаѓаме секоја година, и навистина е убаво. Се реновираше манастирот.“
„Спасовден е голем свет празник за нас, нешто најубаво. А манастирот „Св.Спас“ е прекрасен.“-рекоа дел од нив.
Вознесението Христово или Спасовден е еден од најзначајните празници во христијанството, вели протоерејот Никола Христоски, секретар на Дебарско-кичевската епархија. Тој вели дека овој празник кој се празнува на четириесеттиот ден од воскресението Христово и кога Господ се вознесува на небесата има огромно значење за луѓето.
„Се разбира за и ние да земеме учество во тој празник и да седнеме од десната страна на Бога и Отецот и ние мора да земеме учество во сите оние животни перипетии кои што ги поминал нашиот спасител, односно секој од нас треба да го носи својот крст за да можеме и ние да се воскреснеме со нашиот спасител Господ Исус Христос и да седнеме од десната страна на Бога и Отецот. Токму затоа овој празник и меѓу луѓето се развил голем култ кон овој празник. Не случајно секое трето четврто село, не само во Охрид и околината туку и по другите градови и околни места е изградена барем по една црква или еден манастира кои се посветени на овој празник бидејќи многу често луѓето го земале и за своја слава знаејќи ја значајноста на овој празник.“-вели протоереј Никола Христоски-секретар на Дебарско-кичевска епархија.
Верниците имаат посебна традиција за денешниот празник која со години се практикува во манастирот „Св.Спас“.
„Народот излегува со иконите и со бајракот, и оди до гумното кај крстот, и оттаму потоа се враќаат повторно назад со иконите во црквата и после тоа се служи ручек за сите гости и посетители на манастиров. Тоа е традиција секоја година. Претходниот ден, пред Спасовден, имаме забава со културно-уметнички настан.“-рече Александар Крстев-црковен одбор на манастирот „Св.Спас“-Г.Лакочереј.
Верниците освен што палеа свеќи за здравје и среќа во манастирот, се напиваа и од осветената вода, а многу од нив за здравје на своите семејства донираа и храна, облека која подоцна луѓето од црковниот одбор ја продаваат, а со средствата се грижат за одржувањето на манастирот, кој особено во овој период и по изградбата на новите конаци е привлечно место и за странските туристи.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град