Дел од сопствениците на угостителски објекти бесправно поставуваат урбана опрема на јавна површина. Пазарниот инспекторат заедно со општинскиот инспекторат и полицијата летово ќе вршат засилени контроли, а на прекршителите ќе им се изрекуваат глоби и мандатни казни. Во текот на сезоната ќе бидат ангажирани инспектори и од другите градови како би можело да се постигне да се сработи.
Пазарниот инспекторат заедно со општинскиот инспекторат и полицијата вршат засилени контроли дали сопствениците на угостителските и трговските објекти имаат одобрение за поставување урбана опрема. Покрај што се контролирало во градов инспекторите го прочешлале и комплексот Св. Наум каде се затекнале голем број неправилности. Речиси целокупната урбана опрема била поставена без одобрение од Локалната.
Затекнати се неправилности и сите се санкционирани. Изречена им е глоба од 200 евра но ако истата се плати во рок од осум дена тогаш се намалува сумата на пола. Сите прекршители ги платија казните па се надеваме дека нема уште еднаш да им се повторат вакви прекршувања на Законот за трговија и угостителска дејност, вели Ѓорги Бошалевски- раководител на пазарен инспекторат, Охрид.
Во летниов период контролите ќе се уште позачестени. Ќе се проверува дали има прекршување на Законот за занаетчиство, Законот за пушење како и на Законот за трговија. Се чека да бидат отворени и сезонските трговски објекти и летните тераси каде може да дојде до прекршување на овие закони. Но пазарниот инспекторат има недостиг на инспектори па помош ќе бара од другите градови.
Ротации ќе има. Тоа веќе стана вообичаена пракса. Мораме во летниот периопд да се појачаме со инспектори од другите градови бидејќи се зголемува обемот на работа. Ние имаме само седум инспектори, а дел од нив ќе користат и годишни одмори па затоа се превземаат вакви мерки, вели Бошалевски.
Летово заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе се контролира под кои услови се продава храната во маркетите, но и на отворено. Посебно ќе се обрне внимание на овошјето и зеленчукот кои се изложени надвор и кои се чуваат во несодветни услови.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град