Започна екстерното тестирање во основните и средните училишта во градов. Директорите велат дека се течело во најдобар ред, а учениците имаат само некои помали забелешки кои се испратени до Државниот испитен центар. Тестирањето треба да заврши на 11ти јуни.
За основците и средношколците од денес започна екстерната проверка на знаењето. Го полагаа првиот предмет од екстерното, за кој беа известени три дена пред полагањето. Од основните училишта во градов велат дека се навреме започнало и дека немало некакви поголеми технички проблеми. Во Оу „Христо Узунов“ денес биле тестирани околу 395 ученици во четири групи.
Можам да кажам дека оваа година бевме поподготвени во техничка смисла. И списоците кој ученик по кој предмет ќе биде тестиран и во кои денови беа навреме извадени така што првиот ден протече без никакви проблеми, рече Тони Симоноски-директор на ОУ „Христо Узунов„.
Без некои поголеми проблеми екстерното тестирање протекло и во ОУ „Братство единство“. Проверка на знаењата била вршена на 330 ученици во четири сесии , а биле ангажирани 24 тестатори. Во ова училиште поради големиот број на ученици екстерното тестирање ќе се спроведува четири дена. Во ОУ „Григор Прличев“ биле тестирано околу 330 ученици. Тестирањето започнало навреме без некои поголеми технички проблеми. Учениците ќе бидат тестирани утре, во петок и во сабота. Во Оу „Св. Климент Охридски“ уште во 8 часот утрово се состанала комисијата, а во 8.30 започнало првото тестирање. Денес биле тестирани 209 ученици во три групи, а бил присутен и набљудувач од државниот комисиски центар.
Во глобала немавме ниту една забелешка за наша радост немавме ниту отсутни ученици . Се започна и заврши навреме. Сега тестовите се препратени напрегледување до државната испитна комисија, вели Јордан Пуроски- директорот на ОУ. „Св. Климент Охридски“.
Од екстерното тестирање генерално се задоволни и учениците со некои помали забелешки. Било констатирано дека некои прашања по англиски јазик немаат понуден одговор, а имало некои забелешки и на тестирањето по биологија. Сите тие се влезени во записник и ќе бидат пратени до државната испитна комисија. Учениците кои од оправдани причини нема да се појават на тестирањето, екстерно ќе полагаат во августовската сесија. Неоправдано отсутните ќе добијат единица во свидетелство. Резултатите од тестирањето за учениците од деветто одделение ќе бидат објавени на 13 јуни, поради уписите за средно кои се на 28-ми и 29-ти јуни, а на 17 јуни ќе бидат истакнати и резултатите за сите останати.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град