Меѓугенерациска и мултиетничка средба во ОУ „Братство Единство“

Ова е прва нивна средба од ваков вид, а истата освен дружењето, се организира и по повод одбележувањето на патрониот празник на училиштето како и двете значајни годишнини кои ги прославуваат пензионерите.

 |  Мишел Наумоски  | 

Старите и младите на заедничка дружба. Денес во просториите на основното училиште „Братство Единство“ се одржа меѓугенерациска и мултиетничка средба помеѓу учениците од ова училиште, нивни родители, како и пензионерите од Здружението од Охрид и Дебрца. Покрај средбата на која и млади и стари си поставуваа меѓусебно прашања, разговараа и се дружеа, беше подготвена и богата програма. Се пееја песни, имаше и рецитали и настап на училишниот оркестар. Оваа прва средба од ваков вид ја поздрави директорот на училиштето Муамер Доко.

„Баш ми е мило да ве поздравам во име на вработените, во име на учениците на оваа прва наша средба која веруваме ќе продолжи понатака и ќе вроди со плод во тоа што нашите деца ќе бидат идни пензионери, како граѓани на ова општество и како ученици на нашето училиште.“-вели Доко.

Благодарни што денес се случува оваа средба беа пензионерите од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Тие рекоа дека подготвената програма е поттик тие и понатака да ги негуваат заедничките активности особено со младите.

„Оваа наша прва меѓуетничка и меѓугенерациска соработка на ниво на општина Охрид мислам ќе служи за пример и за другите во нашава општина како треба да се негуваат овие наши заеднички активности на старите и младите ученици. Да ви посакам добро здравје и успех во текот на оваа година. Учениците да покажат што поголем успех, а дедовците и бабите да ги поддржат и да им помагаат на нивните барања.“-рече претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески.

Заменик градоначалникот Ангел Јанев кој ги поздрави учесниците, рече дека пензионерите се пример за тоа како треба да израснат сегашните ученици.

„Да ви посакам овој ден да не го заборавите. Јас одам малку повеќе на овие настани, еве ќе почнам прво од повозрасните, последниот настан на кој бев беше во Дебар, од 20 дисциплини во кои тие се натпреваруваа се вратија со 15 први места. Поголем предизвик за Охрид и Македонија нема. Тоа не беше само сега, секоја година е така. А од друга страна ќе ги пофалам и пејачките, и хорот, сите ученици кои учествуваа на годинешните натпревари во месец мај и почеток на јуни, и тие покажаа прекрасни резултати, во дисциплините поврзани со училишните активности. “-изјави Јанев.

Инаку денешната средба се случува воедно и по повод одбележувањето на патрониот празник на „Братство Единство“ како и двата значајни јубилеи за пензионерите, односно 66 години од формирањето на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца и 70 години од пензионерското здружување во Македонија.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top