• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Дениците донираа лап топ компјутери и таблети за децата со оштетен вид во ОУ „Братство Единство“

Дениците донираа лап топ компјутери и таблети за децата со оштетен вид во ОУ „Братство Единство“

Вредна донација на лајонс клубот Деница за неколку дечиња со оштетен вид од основното училиште Братство Единство.

 |  Мишел Наумоски  | 

Шест дечиња од ОУ „Братство Единство“ кои имаат оштетен вид денес добија вредна и значајна донација од лајонс клубот Деница. Тие денес им доделија два лап топ компјутери и четири таблети кои ќе им користат во образовниот процес и кои треба да им помогнат во полесно совладување на наставните содржини. Дениците велат дека им требала соработка со многу луѓе за денешната донација да се случи како што треба, токму затоа два месеци биле во постојани контакти со претставници на ОУ „Братство Единство“ како овие лап топ компјутери и таблети би отишле во вистинските раце.

„Сакавме посебно во ова време во кое живееме со интернетот кој допира во сите пори, сакавме баш да им го олесни животот на децата со оштетен вид затоа стапивме во контакт со човек што веќе работи и секојдневие му е и професијата и работата врзана со лап топот, еден господин од Скопје што се заложи лично да им го вгради тој софтвер во лап топот, на кој начин ќе им ја олесни комуникацијата и целиот пристап кон интернетот, а со тоа и светот на децава во овој момент.“-вели претседателката на ЛК Деница, Лидија Тилева.

Донацијата е исклучително значајна според зборовите на директорот на ова основно училиште, Муамер Доко.

„Нашето училиште соработува со многу невладини организации и Лајонс клубови. Денеска како резултат на таа соработка, почестени сме од Лајонс клубот Деница да имаме една мала, но многу голема, вредна донација за нашите ученици, па затоа користам можност во име на сите, а посебно на овие ученици и нивните родители да се заблагодарам на Лајонс клубот Деница верувајќи дека во иднина оваа соработка ќе ја продлабочиме.“-рече Доко.

Дефектологот во „Братство Единство“, Наташа Илиевска, вели дека со оваа донација дечињата ќе можат многу полесно да ги совладуваат нивните наставни содржини.

„Пред се голема благодарност до Лајонс клуб Деница за нивната несебична помош и поддршка на учениците од ова училиште. Насмевката на нивните лица и среќата, може да се види дека задоволството е многу големо и многу сме среќни и задоволни што сеуште постојат вакви хумани и несебични луѓе што им помагаат на овие дечиња. Оваа донација многу ќе им помогне на нашите ученици во училиштето, со тоа што ќе им се олесни многу воспитно-образовниот процес. Преку компјутер знаеме дека полесно се учи, повеќе се јакне самодовербата, а со тоа ќе имаат поголем напредок.“-изјави Илиевска.

Средствата со кои се обезбеди оваа донација, дениците ги собраа на нивната традиционална хуманитарна акција „Бал под маски“ од 1ви април, а покрај донациите на членките на Деница, свој придонес велат дека дале и голем број компании со свои спонзорства, меѓу кои и АМЦ компјутери од каде се набавиле и овие лап топ компјутери и таблети, а кои овозможиле поволни цени за набавка на истите. Инаку со собраните средства набавен е уште еден лап топ компјутер кој дополнително ќе биде доделен на 18 годишна охриѓанка која учи физикална терапија во Скопје.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top