Вчера основното јавно обвинителство од Охрид покрена обвинителен акт против српски државјанин за сторено кривично дело „убиство“.
Бурни реакции меѓу охриѓани, особено на социјалните мрежи, по вчерашното соопштение на основното јавно обвинителство од Охрид дека е поднесен обвинителен акт за сторено кривично дело „убиство“ против српскиот државјанин, кој на новогодишната ноќ пред кафе барот “Табана“ смртно претепа 27 годишен охриѓанец.
Реакциите на граѓаните произлегуваат од самото дело за кое се товари странскиот државјанин „убиство“, а не она што јавноста го очекуваше, дека истиот ќе одговара за сторено кривично дело „свирепо убиство“. Телевизија ТВМ се обрати најпрво до основното обвинителство Охрид, од каде единствено ни кажаа дека случајот го води обвинителот Стојанчо Арнаудоски, а за се друго, не упатија до Јавното обвинителство на Република Македонија. Побаравме информација од основното јавно обвинителство од Охрид за тоа кои се причините што српскиот државјанин кој се товари дека го извршил убиството кое се случи на новогодишната ноќ пред објектот Табана, според обвинителниот акт кој вчера беше покренат, се товари само за убиство, а не и за свирепо убиство. Од основното обвинителство освен за прашањето за името на јавниот обвинител кој го води случајот, за одговори на останатите прашања не упатија одговори да побараме во Јавното обвинителство на Република Македонија од каде до затворањето на дневникот не добивме одговор на прашањата.
Нашиот кривичен законик, во главата „Кривични дела против животот и телото“, во делот кој се однесува на кривичното дело убиство јасно покажува која е разликата помеѓу кривичните дела убиство и свирепо убиство. Во членот 123 од овој закон стои:
(1) Тој што друг ке лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години.
(2) Со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој
што:
1) друг ќе лиши од живот на свиреп или подмолен начин,
Инаку, досега во ниту еден момент од правен аспект не беше употребена формулацијата „свирепо убиство“ за настанот од 01.01.2016-та, ниту во кривичната пријава која против српскиот државјанин следниот ден ја поднесе СВР Охрид, ниту пак истото стои во обвинителниот акт кој вчера го поднесе охридското јавно обвинителство. Според дел од адвокатската фела, причините зошто охриѓани очекувале србинот Б.У да се товари за „свирепо убиство“ се веројатно емотивни, затоа што се работи за млад човек, наш сограѓанин. Но исто така велат, дека, доколку обвинителството имало докази за такво кривично дело, тоа сигурно би стоело во обвинителниот акт.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град