Ohrid Film Fest прв интернационален фестивал на ангажиран филм во Охрид

Охрид Филм Фест е новиот интернационален филмски фестивал кој ќе се случува во нашиот град, а кој ќе донесе бројни филмски остварувања од целиот свет. 

 |  Мишел Наумоски  | 

Со проекцијата на филмот „Од другата страна“ на српскиот актер и копродуцент во филмот, Лазар Ристовски, ќе започне новата филмска бајка за охриѓани, но и за сите љубители на филмот. На 10ти јуни ќе биде означен почетокот на првото издание на новиот интернационален филмски фестивал кој ќе се случува во Охрид, наречен едноставно, Ohrid Film Fest. Овој прв филмски фестивал после случувањата со Францускиот филмски фестивал ќе работи исклучиво со ангажирани филмови, било тоа да се политички, социјално или уметничко ангажирани. Ohrid Film Fest воедно во фокусот ќе ги стави студентските и младински филмови со подеднаква застапеност и на играни и на документарни филмови.

„Многу ни беше тоа важно заради тоа што самиот концепт на фестивалот е со идеја да имаме многу разговори, многу дискусии, целта е да ги донесеме авторите на тие филмови, целта е да одбереме теми, филмови кои зборуваат за многу различни судбини насекаде во светот, па и овде кај нас и во регионот, и да и овозможиме на публиката после тоа да има средба со авторите, да може да разговараме за различни теми, сето тоа да биде онака како што се одржува насекаде во светот, бидејќи целта е тоа, да дојдат авторите, да ги разменат искуствата, да кажат за сето она зошто еден филм ја третира токму таа тема, да зборуваме, да отвораме прашања, да бараме одговори.“-вели Сунчица Уневска-директор на Ohrid Film Fest.

Ohrid Film Fest започнува со исклучително богата програма со околу осумдесетина филмови, истите поделени во три програми и тоа главна програма која ја селектира директорката Уневска, потоа програмата „Нови визии“ селектирана од познатиот филмски критичар Марина Костова и кратка програма за која е задолжен Влатко Галевски.

„Имаме една програма „Охрид на филм“. Сакаме да прикажеме неколку филмови кои што се снимани во Охрид така да во Центарот за култура ќе имаме во утринските часови неколку филмови кои што се поврзани со Охрид, а инаку проекциите на другите филмови од главните програми ќе почнуваат од пет часот и ќе имаме по три проекции на вечер. А на факултетот за филм ќе ги прикажеме кратките, бидејќи имаме одлична студентска програма и таму ќе имаме секој ден по два часа блок на филмови кратки кои што ќе се прикажуваат на факултетот.“-рече Уневска.

Таа најавува дека иако ова е само прво издание на фестивалот сепак на него ќе се појават исклучително значајни имиња од филмот од целиот свет како она на Рашид Бушареп и неговиот филм „Пат за Истанбул“ со кој ќе биде затворено ова прво издание на Ohrid Film Fest, Андреас Дрезен, Зринко Огреста и многу други. Инаку првото издание на Ohrid Film Fest ќе започне на 10ти, а ќе трае до 15ти јуни.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top