На аеродромот „Свети Апостол Павле“ пристигнаа првите холандски гости. Со ова и официјално започна годинешната туристичка сезона. Во наредните пет месеци се очекува во градов да пристигнат над 25.000 туристи од Холандија.
Со воден мост во форма на виножито, традиционална македонска закуска, како и торта за добредојде, утрово на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ беа дочекани првите 180 туристи кои пристигнаа од Амстердам со чартер-лет на компанијата Корендон.
Летово во Охрид, преку чартер-летовите на Корендон и Аркефлај кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври, може да се очекуваат над 25.000 туристи од Холандија. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат над 150 авиони полни со холандски туристи. Грдаоначалникот Никола Бакрачески најавува една од најуспешните туристички сезони.
Ние како локална самоуправа следејќи ги модерните трендови на промоција на Охрид, како и во изминатите три години и понатаму неуморно ќе работиме заедно со нашите партнери во делот на зголемување на промоцијата на градов со цел поуспешна и подолга туристичка сезона, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Од ТАВ Македонија потенцираат дека се задоволни што чартер-летовите со холандски туристи продолжуваат и оваа летна сезона, шеста година по ред.
Пресреќни сме што денеска дојдоа нашите ценети туристи со летот на Корендон и што традицијата продолжува. Очекуваме ова лето Корендон да носи туристи од Холандија на почетокот со два лета неделно, а потоа во екот на сезоната, во јули и август, со три лета неделно кон Охрид. Овие чартер-летови, како и трите редовни линии од „Свети Апостол Павле“ кон Базел, Лондон и Цирих, заедно со новата линија Охрид-Белград која следниот месец ќе ја воведе Ер Србија, како и чартер-летовите од Брисел кои ќе почнат оваа сезона со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук, и од Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа, заедно со регуларните чартери на Аркефлај, исто така од Холандија, ќе придонесат за заживување на охридскиот аеродром, поголем сообраќај, но и проширен и збогатен прилив на туристи во Охрид, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Туроператорот Корендон и партнер агенцијата Фибула Ер Травел им посакаа добредојде на гостите од Холандија, задоволни од досегашната соработка и интерес за посета на Охрид.
Ние гарантираме за услугите што ги нудиме заедно со нашите партнери и ќе се трудиме уште повеќе да ги подобриме и да им излеземе во пресрет на гостите и нивните желби и барања, рече Асим Меџедовиќ, директор на ТА Фибула Ер Травел.
Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам, почнаа денеска и ќе траат до 7-ми октомври. На почетокот, Корендон ќе лета двапати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во најголемиот ек на сезоната – во јули и август, компанијата ќе додаде уште по еден лет во истите денови од неделата, со што на оваа релација ќе сообраќа четири пати неделно.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град