Се очекува извештајот од делбениот биланс на Меѓуопштинското ЈП „Проаква“, кој треба да покаже колку должи јавното претпријатие во Охрид, а колку во Струга. Потоа може да се очекува поделба на МЈП Проаква помеѓу Охрид и Струга. Се очекува Р.Е Колектор да стане ЈП на државно ниво.
До крај на месец април годинава треба да биде завршен делбениот биланс на МЈП Проаква. Очекувањата на првиот човек на претпријатието Томе Паскалоски, се дека со поделбата помеѓу Охрид и Струга, претпријатието ќе застане на свои нозе. Иницијативата за поделбата на „Проаква“ што стопанисува со водоводот и колекторскиот систем на Охридско Езеро, односно раздвојување на охридското и струшкото јавно претпријатие, се провлекува речиси една деценија.
„Моите очекувања се оптимистички . Јас секогаш сум отпимист и не застанувам со оваа постапка. Додека трае мојот мандат и додека сум во можност ќе притискам , бидејќи тоа е и интересот на градот. Ова е едно од поголемите јавни претпријатија. Претрпијатие со најголем век на постоење, со имиџ, достоинство, кое за жал го изгуби во последните 10 години“ – вели директорот.
Паскалоски кажа дека и услугите кон граѓаните се на високо ниво и не се случило и за најголем дефект да биде саниран што е можно побрзо, дури екипите работеле и текот на ноќта ако тоа било потребно. Но сепак смета дека треба да ги цениме ресурсите што ги имаме.
„Даваме квалитетна вода, што е реткост. Ако направиме споредба во светски рамки, околу милјарда луѓе немаат пристап до питка вода од целата човечка популација на земјата, ние сме една општина која треба да бидеме среќни и задоволни што живееме овде во Охрид покрај вакви ресурси, вакво убаво езеро и треба оваа фирма навистина да се респектира“ – додава Паскалоски.
Како што веќе ТВМ информираше, во тек е изготвувањето на делбениот биланс од страна на стручните служби кои работат на овој случај. Потоа извештајот треба да помине на Управен одбор, како и пред Советите на општина Охрид и Струга, па се изготвува нотарски акт а по согласноста на сите поголеми доверители ќе се разграничат побарувањата и обврските. Времето ќе покаже дали доколку дојде до поделба ќе има некакви последици бидејќи знаеме дека ова меѓуопштинско ЈП е формирано во 1999 година кога преку донации од германската влада и кредити од КФВ банка од Франкфурт инвестирани се над 20 милиони евра за водоснабдување на Охрид и Струга и за еколошка заштита на Охридско Езеро.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град