Прекршочна постапка поради прекршување на законот за финансирање до градоначалникот на општина Охрид, најави координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски. Бурна расправа се отвори на 53 седница на Советот на општина Охрид за точките на дневен ред кои се однесуваа на усвојување на Извештаите за реализација на развојните програма на општината за првиот квартал од 2016та година.
Охридските советници на денешната 53 седница на Совет во три пакети изгласаа одлуки по вкупно 21 точка на дневен ред. Не беше прифатен предлогот на координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски за дополнување на дневниот ред со 5 точки кои се однесуваа за извештаи по програмите. Според Стојаноски, тоа е флагрантен начин на прекршување на демократијата од страна на оние кои што сами се промовирале дека дават отчет пред граѓаните. Додаде дека сведоци биле на една класична неотчетност, бидејќи не им биле дадени доволен број податоци, како би можеле да извршат анализа на реализација на буџетот, што е основна одлика во еден отчет кој што треба да го даде локалната администрација.
„Ние како советничка гупа ќе поведеме соодветна прекршочна постапка која што ја најавивме за прекршување на одредбите од законот за финансирање на единиците на Локалната самоуправа заради тоа што во кварталните извештаи кои што беа денеска точка на дневен ред не ни беа доставени соодветните извештаи и податоци за кои што може да се води расправа по реализацијата на буџетот“ – вели Стојаноски.
Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, истакна дека извештаите за работа на секторите ја отсликуваат реалната состојба во која што општина Охрид се наоѓа. Додаде дека не можеж да се бара извештаите да бидат составени по учебник, бидејќи состојбата во која што се наоѓа општина Охрид е комплицирана и секогаш се наоѓа определена дискрепанца помеѓу исплатените срдства од буџет и финансиските средства кои пооделните сектори ги внесле во рамки на извештајот, од причина што општина Охрид работи со блокирана сметка и има нешто повеќе од 30 милиони евра долг.
„И покрај тоа што советниците потенцираат дека се навраќаме на минатото, долгот на општина Охрид не е минато, тој е реалност, со тој долг живееме и се бориме секој ден и за жал уште неколку раководства на локалната самоуправа ќе се борат и ќе ги оптеретува тој долг кој што општина Охрид го има. Опозицијата има потреба во овој период на активности кој што ги обавуваат да собира ситни политички поени, но слободно можат сите институции да дојдат во општина Охрид тоа да го проверат и да установат дали е во ред или е прекршен законот… ние сме тука, подготвени да одговориме на секоја една таква иницијатива“ – изјави Спасески.
На денешната седница беа изгласани сите извештаи за работата на пооделнинте сектори на општина Охрид, а исто така на задоволство на граѓаните беа донесени и три детални урбанистички планови, кои посебно беа поздравени од советниците Љупчо Настоски, Климе Шешоски, Јованка Точкова, Ангел Јанев и Иљат Ибраим. Исто така советникот Павел Попоски изнесе забелешка до МСО дека во нивниот извештај за работата на Советот од минатата година биле изнесени невистини за бројот на неговите излагања на седниците.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град