Денес градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески свечено ја пушти во употреба реконструираната улица „Александар Турунџе“. Не застануваме тука, се грижиме за потребите на граѓаните на Охрид и сервисираме се што ни е дадено како приоритет од нивна страна, истакна градоначалникот.
Легна нов асфалт на ул „Александар Турунџе“. Асфалтирана е површина во должина од 300 метри и ширина 3 метри со проширување на банкините од страна. Со тоа се реши уште еден приоритетен проблем, на месното население од Урбаната заедница „15 ти Корпус“ и Велгошти, истакна првиот човек на градот Никола Бакрачески. Додаде дека тоа е во рамки на интензивната активност на Локалната самоуправа во делот на уредување, реконструкција на улиците низ цела општина.
„Оваа Локална самоуправа уште еднаш во текот на оваа пролет покажа дека се грижи за потребите на граѓаните на општина Охрид и ги сервисираме истите според она што ние во директните средби со нив го добиваме како приоритет. Тука не застануваме имавте можност уште од почетокот на годината да присуствувате на реконструкција на многу улици и патишта и не застануваме продолжува нашата активност која е наинтензивна во последните неколку години кога се реализирани голем дел на проекти“ – вели Бакрачески.
Градоначалникот рече дека се што е насока на адекватно регулирање на сообраќајот како и безбедност на оваа улица ќе биде реализирано согласно проектите. Голема благодарност за реализација на проектот за асфалтирање на ул „Александар Турунџе“ како и за соработката со градската власт изразија мештаните на оваа урбана заедница.
„Се надевам дека ќе соработуваме и понатаму бидејќи нашата УЗ има повеќе проблеми со тек на време верувам дека ќе ги решиме заеднички со што ќе им удоволиме на нашите граѓани од Урбаната заедница. Моментално има уште неколку краци на ул Александар Турунџе“ – вели Дејан Ангелески, претседателот на Урбана Заедница.
Инаку градежните зафати околу ново реконструираната улица Александар Турунџе ги извде кичевската компанија „АС Сењак“. Средствата биле обезбедени од буџетот на општина Охрид, односно согласно реализација на Програмата за асфалтирање на улици на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град