Дополнителни корективни вежби во охридската детска градинка

Два часа неделно од областа на физичката култура ќе одржуваат стручни лица во централниот објект на детската градинка „Јасна Ристеска“. Целта е да се постигнат резултати за правилен раст и развој кај децата, но и корективно да се влијае кај веќе настанатите проблеми кај децата кои веќе имаат рбетни деформитети.

 |  Николоска Биљана  | 

Реномирани професори по физичко образование ќе ги вежбаат децата од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ за правилен физички развој. Со тоа и воспитувачите ќе стекнат знаења, кој тип на вежби се препорачуваат за правилен развој на дечињата, со цел да се помогне некои одредени проблеми кај децата да се корегираат. Како што за ТВМ изјави директорката на градинката Розе Костеска, намалена била границата на рбетни деформитети кај децата, па затоа одлучиле да се воведат вакви часови со цел навреме да се откријат таквите проблеми и корективно да се влијае уште на помала возраст.

„Точно од тие причини е прифативме понудата од професорите да се обидеме со помош на родителите и воспитувачите да му го всадиме како потреба секојдневна да се реализираат вакви часови. Во нашата градинка и така се реализираат часови по гимнастика секое утро пред доручекот, но кога имаме веќе стручни лица кои што знаат да ни покажат како треба да се изведуваат тие вежби, покрај тоа што се изведуваат не знаеме точно која е нивната функција на одредена вежба, сега веќе осознаваме точно која вежба за кој дел на телото ќе треба да се направи со нивна помош и асистенција се надеваме дека едукативен час добиваат и воспитувачите“.

Костеска нагласи дека проектот кој се однесува на спортот и спортските активности ќе се реализира во соработка со родителите, веќе биле пуштени анкетни листови до сите родители, а станува збор за факултативни часови.

„Ќе се организираат после 14 и 30 часот кога се завршени сите насочени активности во групите односно со дечињата, нема да сметаат во секојдневната работа на воспитувачите но сепак ќе придонесат во правилниот раст и развој на дечињата. Треба да се реализираат два часа во текот на неделата од 30 – 45 минути зависно од интересот на децата за одредени игри кои што ќе ги реализираат професорите, цената која што ја имаат понудено е 500 денари месечно, сеуште не се сите анкетни листови вратени од родителите за да знаеме колкав е интересот, тоа е факултативно и е на терет на родителите“.

Директорката не ја исклучува можноста во иднина доколку се обезбедат одредени спонзорства тоа да се развива и да почне да функционира во нивната градинка. Костеска вели дека тоа е нивна интенција бидејќи сепак станува збор за генерации кои што нив им се доверени и кои треба да израснат во здрави личности. Идејата за одржување на часови по спортски активности за правилен развој на децата била обострана, и од градинката и од професорите. Првично овој проект е понуден само во централната градинка, со цел да се види дали ќе се постигнат одредени резултати, вели Костеска. Со овој проект опфатени се децата од средната и големата група, односно од 4 до 6 годишна возраст.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top