За службата оправдано е да наплаќаат за услуги и со нив да ја финансираат нивната техничка опременост, додека пак за советниците од опозицијата, оваа предлог одлука се коси со законите.
Територијалната противпожарна единица ќе наплаќа за вршење дополнителни услуги според утврден ценовник. Ова беше изгласано на последната седница на советот на општина Охрид на која се дискутираше по правилникот кој територијалната противпожарна единица го предложи до градските советници. Според него, единицата вршејќи ги дополнителните услуги, како обезбедување на концерти и слични други активности доколку оцени дека истото треба да биде фактурирано. Според Спасе Прентоски од ТППЕ, имале бројни случаи каде пожарникарите морале да обезбедуваат настани и концерти и по 12 па и 24 часа.
„Дури и со закон не може да се одржи концерт на подрачјето на општина Охрид каде што има 10.000 посетители без присуство на работници пожарникари, без присуство на медицински лица и без присуство на полиција воопшто. Овој ценовник е со малу пониски цени од тој. Ние работевме и порано со таков ценовник и кога бевме под МВР. Сега не може некој да зема 600, 800 или 10 евра карта, зел таму 60, 70 илјади евра а да не одвои, а ми бара мене 12 саати екипа на пожарникари да му дежурам таму.“-вели Спасе Прентоски-Територијална противпожарна единица-Охрид.
Прентоски во објаснувањето потенцираше дека сите средства кои ќе бидат прибирани на ваков начин за вршење на дополнителните услуги ќе бидат користени исклучиво наменски. Според советниците од опозицијата пак, токму прибирањето на средствата е во најмала рака контрадикторно и се коси со законите.
„Како ќе оцените и кога ќе оцените дека треба да фактурирате, многу широк простор ви се остава вие да сте тие што ќе оцените што ќе фактурирате. И законот не упатува повторно на член 5 кој вели непрофитабилни дејности. Мислам дека избрзано се носи овој правилник на седница на дневен ред, уште повеќе ме загрижува и тоа е тенденција на локалната самоуправа и со јавните претпријатија и со ТППЕ да го одземаме лебот на приватниот сектор.“-рече советникот од редовите на ВМРО Народна партија, Јоне Станкоски.
Во обемната дискусија која произлезе по однос на правилникот за вршење дополнителни услуги на ТППЕ, меѓу другото се дискутираше и за тоа дека според законот, пожарникарската служба не смее да врши профитабилни дејности односно да остварува приход. Во дел од објаснувањата кои беа дадени од претставниците на тппе пак се велеше дека тие немат да остваруваат профит бидејќи овие средства кои ќе бидат прибрани преку овие дополнителни услуги ќе бидат исклучиво наменски и ќе служат за подобрување на техничката опременост на единицата.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град