Автомобилистот Игор Иџе Стефаноски денес ги подучуваше младите охриѓани како да се однесуваат во сообраќајот. Тој кажа дека тркачките патеки се место каде се вози брзо, а не градските улици. Ова е дел од караванот кој ги посетува градовите во Македонија со цел да ги едуцира младите за опасностите од брзото возење и непочитување на правилата и прописите во сообраќајот.
144 животи во текот на минатата година во РМ згасна како последица на сообраќајни незгоди. Оваа бројка и тоа како загрижува затоа граѓаните, посебно помладата популација треба да се едуцираат што е тоа сообраќајна култура и без исклучок да ги почитуваат поставените знаци. Игор Иџе Стефаноски, наш двократен европски првак во автомобилизам заедно со својот тим денес беше дел од караванот во Охрид посветен на безбедноста во сообраќајот. Тој на учениците кои беа присутни во СРЦ „Билјанини извори“ им се обрати укажувајќи им колку е важно да бидат совесни возачи, но и пешаци.
Сакам да им кажам на младите дека тркачките патеки се местото каде треба да се вози со голема брзина, а не патиштата. Во сообраќајот јас сум крајно внимателен и ги почитувам сообраќајните знаци и прописи. Апелирам до сите да внимаваат и да бидат совесни, рече Стефаноски.
Податоците покажуваат дека најголеми причини за случување на сообраќајните незгоди е недозволената брзина и конзумирањето алкохол. Посебно овие прекршоци се забележани кај помладите учесници во сообраќајот.
Јас се надевам дека овој настан и ваквите манифестации ќе пренесат порака до сите ученици кои се учесници во сообраќајот да внимаваат кога се наоѓаат зад воланот на автомобилот. Со прекршувањето на правилата и прописите си го загрозуваат сопствениот живот, но и животот на други лица, вели заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
Караванот досега ги посетил градовите Прилеп, Битола и Ресен, а планирано е да оди во сите поголеми градови на Македонија. Покрај безбедноста во сообраќајот цел на ваквите настани е и афирмација на спортот кој е најдобар начин за правилно градење на една личност.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град