Голем број охриѓани кои оставиле трага во својот град, ставени на маргините. Не знаеме да ги почитуваме вистинските вредности и да им одадеме почит на оние кои тоа го заслужиле. Историчарите сугерираат сериозно да се замислиме околу ова прашање бидејќи доколку не си го почитуваме минатото не можеме да имаме ниту иднина.
Роденденот на Христо Узунов, еден од најголемите македонски револуционери, човекот кој својот живот го положи за слободата на Македонија, заборавен. Со исклучок на неколку почитувачи на неговиот лик и дело кои положија цвеќе на неговата биста во паркот кај градскиот плоштад, ниту една институција не се сети на овој голем македонец. Ова го наметна прашањето колку знаеме да ги почитуваме вистинските вредности и да им одадеме почит на оние кои тоа го заслужиле. Историчарите сугерираат сериозно да се замислиме околу ова прашање бидејќи доколку не си го почитуваме минатото не можеме да имаме ниту иднина.
Упатувам апел до институциите посебно до Локалната бидејќи таа е онаа што треба да ги одбележи ваквите настани во иднина да не прави вакви пропусти бидејќи ако самите не знаеме што е свето за нас тогаш не можеме да очекуваме светот да знае за тоа, вели историчарот Никола Митровиќ.
Митровиќ објаснува дека голем број историски личности кои се и тоа како заслужни за Охрид да биде она што е денес се останати на маргините. Тука ги спомна Методиј Патчев, Лев Огненов, охриѓанец кој бил претседател на привремената власт во охридското востание во 1913год., Петар Шанданов , член на централниот комитет на ВМРО, Петар Чаулев, Ташко Арсов, Петар Пирузе Мајски и уште многу други кои се дел од мозаикот на локалната историја која пак е дел од националната историја.
Да не одиме на тоа дека сите тие треба да имаат одредени бисти или споменици бидејќи така градот би се зтрупал со споменици, но секако треба да се изнајде соодветен начин за да им се даде некакво признание и почит за тоа што го сториле за градот и државата, вели Митровиќ.
Митровиќ сугерира важните датуми да влезат во програмата на Локалната за одбележување на празници или пак со посебна одлука на Советот на општина Охрид да се одбележат овие датуми. Сето тоа да се направи во консултација со историчарите кои се најкомпетентни да кажат кои личност заслужуваат посебно внимание и третман.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град