Со цел жените од регионот да се ослободат од стравот на непознатото како и да се поттикнат повеќе да веруваат во себе и своите способности, Центарот за развој на Југозападен Плански регион во соработка со Нолеџ центар, успешно изведоа обуки за развој на женско претприемништво. Очекувањата се дека идните жени претприемачи од регионов успешно ќе ги реализираат своите идеи.
Жените од Југозападниот плански регион успешно ги поминаа обуките за развој на женското претприемништво. Тие на пет дневната обука ги презентираа нивните идеи кои во иднина ќе им овозможат да основаат свој бизнис. Како што пренесе директорката на центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска, жените имаат голема потреба од ваков тип на обуки преку кои го зголемуваат нивното знаење, им ги отвора видиците за нивно учество во бизнисот, како и да ги поттикне да основат старт – ап компании.
„Очекуваме после овие квалитетни обуки, дека навистина ќе одат чекор натаму и ќе ги реализираат своите идеи со тоа што во текот на обуките им презентиравме и можности за финансирање, грантови, поволни кредити, заеми од определени институции почнувајќи од Фондот за иновации и технлошки развој, Агенција за вработување значи има повеќе програми, банки….Јас сум убедена дека ова ќе продуцира со позитивни ефекти во регионот“- вели Лозаноска.
Жените од југозападниот регион настапиле со многу добро смислени и реални идеи, но им недостасувале алатки за да видат дека нивната идеја навистина комерцијално е добра, вели Андријана Богдановска од Нолеџ Центарот. Додаде дека за време на обуките научиле да ја анализираат својата идеја и како истата да ја претворат во еден бизнис план.
„Многу сме задоволни од целиот тек на кој што се одвиваа обуките опфативме навистина многу теми, запознавме многу интересни самоуверени жени, кој што до нас дојдоа со свои идеи и на тие идеи работевме за време на обуките. Нашата искрена желба е што поскоро да ги видиме овие идеи во реализација и нивните бизниси да започнат со работа“- истакна Богдановска.
Секоја идеја лесно може да се преточи во реалност, вели Минуре Мурати Пурелку од Кичево учесник на обуките за развој на женското претприемништво. Таа истакна дека благодарение на обуките, добила дополнителен мотив да продолжи да се бори за остварување на својата бизнис идеја.
„Навистина вакви обуки ни требаат бидејќи бизнисот е домен каде што доминираат мажите и јас мислам дека жените треба да се обучат во оваа насока за повеќе да се доближат до пазарот на трудот. Јас размислувам околу тоа да отворам психолошки центар со логопедски услуги и на некој начин бев збунета бидејќи не знаев која насока да ја спроведам. Сега со знаењата што ги добив со информациите сметам дека имам еден план кој ќе го спроведам во иднина “ -вели Пурелку.
Задоволни од обуката, која била обемна и многу едукативна се и жените од кичевскиот регион. Нивната претставничка истакна дека сите кои сакаат да се занимаваат со мали и средни бизниси оваа обука ги насочила на вистинскиот пат и била од голема важност, а нивните очекувања се дека успешно ќе стартуваат со бизнисот.
„Нашата идеја во мојата група беше за еко ресторан во рурално подрачје, бидејќи доаѓаме од таква средина која е неразвиена. Секако дека треба најмногу да се обрне внимание на екологијата и на начинот на подигање на свеста за користење на еколошки средства за заштита на околината и за постигнување на поголема енергетска ефикасност во своето работење, значи ресторан со еколошки принципи“.
Инаку денеска во хотел „Дрим“ Струга, Центарот за развој на Југозападниот плански регион во соработка со Нолеџ Центарот го одржаа завршниот настан од обуките за развој на женското претприемништво на тема „Важноста на претприемништвото во превземање на самоиницијатива и поттикнување на самодовербата кај жените од Југозападниот регион“. Исто така беа доделени и сертификати за успешно завршена обука на жени кои учествуваа на двата сета на петдневни обуки во Кичево и Струга кои ги покрија Кичевскиот, Дебрскиот и Охридско-Струшкиот регион во периодот од 25 јануари до 12 февруари 2016 год.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град