Лицата со оштетен слух и вид ќе се обучуваат за водоинсталатери, заварувачи и масери. Ова е иницијатива на Агенцијатѕа за вработување. Од Здружението за глуви и наглуви лица од Охрид велат дека добра е ваквата иницијатив, но би било подобро доколку овие струки би се вовеле во средното специјално училиште за глуви ученици.
Во Охрид ќе се спроведуваат четиримесечни обуки на лицата со оштетен слух и вид. Обуките ги организира Агенцијата за вработување и тоа за струката водоинсталатер и заварувач каде можат да се пријават глуви и наглуви лица и масери каде можат да аплицираат лица со оштетен вид. Целта е да им се овозможи на оваа категорија граѓани да имаат поголеми можности за вработување.
Ова е убава иницијатива но сметам дека не треба да се застане тука. Најдобро би било овие струки да се воведат во средното специјално училиште за глуви ученици. Кај нас работодавачите сеуште немаат пракса да вработуваат само врз основа на курс и подобро би било да имаат средно образование, вели Славица Стефаноска, претседател на Здружението за глуви и наглуви лица од Охрид.
Во средното стручно образование би се вметнала и пракса и обука со гестовен јазик така што кадрите кои ќе го завршат ваквото образование ќе се многу поподготвени за да се вклучат во процесот на работа. Стефаноска објаснува дека сепак радува фактот што работите мрднале од мртва точка бидејќи лицата со оштетен слух досега можеле да работат само како општи работници.
За среќа во нашата општина речиси и да нема невработени лица од Здружението на глуви и наглуви лица. Многу од нив не се задоволни од работното место и од платата, но сепак имаат вработување. Тоа не значи дека не треба да се бориме за нешто подобро. Само неколку млади лица моментално се невработени, но се надевам дека наскоро и ова ќе се реши, вели Стефаноска.
Во Охрид постојат заштитни фирми во кои се вработени лицата со оштетен слух. Во многу малку градови од Македонија има вакви фирми, кажува претседателката на здружението. Таа додава дека секогаш постои простор за подобрување на квалитетот на животот на оваа категорија граѓани и дека тие како здружение постојано се борат за тоа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град