Кривична пријава против струшкиот градоначалник Зијадин Села

Свр Охрид поднесе кривична пријава против струшкиот градоначалник, Зијадин Села. Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело “злоупотреба на службена положба и овластување“ Села смета дека нема никаков основ за ваква пријава и дека се се прави претенциозно.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Кривична пријава против струшкиот градоначалник Зијадин Села. Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело “злоупотреба на службена положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава протоив него и уште тројца други.  За ова дело се товарат и Р.Х., раководител на секторот за урбанизам при општина Струга, Ѓ.Д., претседател на Комисијата за легализација на бесправно изградени објекти при Општина Струга и В.Л.А., директор на Управата за заштита на културно наследство при Министерството за култура.
 
Градоначалникот на општина Струга и одговорно лице во правно лице,  во 2014 година издал паркинг за моторни возила во  близина на  зградата на Министерството за одбрана во Струга кај градското пливалиште кое  со решение е означено како локација под заштита на државата. Тој, со закупувачот ДООЕЛ „Пошка – Сони“ од струшкото село  Франгово потпишал договор за  период од 12.08.2014 заклучно со 11.08.2016 година, а не за три месеци, како што е предвидено  во тендерот, согласно претходно донесената одлука за утврдување најуспешен учесник на наддавањето од 15.07.2014 год., со вкупно 30 паркинг места, за три месеци во текот на тековната годината. На 22.09.2015 година, при извршена контрола констатирано е дека горенаведеното претпријатие иако требало да прекине со наплата на услугите за паркирање,  сепак продолжило со наплата на истите.

Пријавениот З.С. во својство на градоначалник на општина Струга спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за градба, во февруари минатата година издал решение со кое се утврдува правниот статус на три бесправно изградени објекти на име на општина Струга, а на штета на Република Македонија. Второ пријавениот Р.Х. во својство на раководител на секторот за урбанизам при општина Струга, спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, издал урбанистичка согласност за бесправно изграден објект  со која се констатира дека се исполнети условите за издавање на урбанистичка согласност. Трето пријавениот Ѓ.Д. како претседател на Комисијата за легализација на бесправно изградени објекти при Општина Струга, спротивно на Законот за постапување со бесправно изградени објекти составил записник за легализација на бесправно изграден објект. Четврто пријавениот В.Л.А. во својство на директор на Управата за заштита на културно наследство при Министерството за култура, со акт од октомври 2014 година,  издал согласност дека може да биде регулиран правниот статус на објектите при тоа во согласноста не укажал дека може да се промени носителот на сопственост.
Предметните три објекти кои датираат уште од 1934 година не можеле да бидат предмет на легализација бидејќи  објектите, со решение од Министерството за култура- Управа за заштита на културно наследство, биле прогласени како објекти од значајно културно наследство во сопственост на Република Македонија, изјави Стефан Димоски, портпрол на СВР Охрид

Според законот за приватизација и законот за градење, градбите, односно објектите кои се изградени пред 15.02.1968 година се сметаат за објекти коишто се со уредна градежно техничка документација и без оглед дали поседуваат таква документација се сметаат за легални објекти. Градоначалникот Зијадин Села ги отфрла ваквите обвиненија и тврди дека се претенциозни.

Очигледно дека се води хајка против мене од структури во државата бидејќи не гледам ништо противзаконско  бидејќи се што е направено е со одлука на совет, а ако има спор тогаш најпрво јавниот правобранител треба да започне постапка пред уставен суд, па потоа да се презема нешто против мене, вели Села.

Градоначалникот најави одржување пресс конференција на која ќе излезе со повеќе детали околу овој случај.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top