Детското игралиште кај каналот Студенчишта реновирано, адаптирано и проширено. Станува збор за реализација на заеднички проект на Локалната самоуправа со германската амбасада. Средствата кои ги донираше германската амбасада биле употребени за набавка на реквизитите и играчкте во игралиштето, додека пак општина Охрид учествувала со уредување на подлогата.
Денес и официјално се изврши свечено примопредавање на детското игралиште во близина на каналот Студенчишта. Ова детско катче после цели 11 години целосно е реконструирано, адаптирано и проширено, со помош на средства во висина од 8.000 евра доделени од амбасадата на СР Германија. Проектот е реализиран во соработка со Локалната самоуправа, од Охрид. Како што нагласи првиот човек на градот Никола Бакрачески, благодарение на помошта од германската амбасада голем број дечиња ќе најдат своја рекреативна содржина како и тоа да ги изразат своите имагинации, со што би им се овозможило да бидат креатори на сопствениот развој.
„Тоа е само еден дел од нашите напори да го разубавиме животот на нашата најмлада популација во општина Охрид, ние тоа го правиме во континуитет, претходно беа изградени неколку игралишта во Охрид ова е едно од низата игралишта и тука нема да застанеме, нашата програма за сестран детски развој и за уредување на ваквите катчиња продолжува и во иднина така да остануваме посветени на нашата заложба за изградба на околу 10-тина игралишта и за деца и за возрасни“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Првпат сум гостинка во зима во Охрид, за време меѓу две големи манифестации, Водици и Денот на рибарите, што за мене претставува големо доживување, изјави нејзината екселенција Кристинe Алтхаузер, од амбасадата на СР Германија.
„Благодарам за реновирањето кое што гледам дека е навистина предобро изведено, благодарам на општина Охрид и на децата кои што ни одржаа една мала приредба, толку е убава атмосферата овде, што навистина посакав дури и јас да заиграм со нив и да ги искористам овие реквизити. Ние од германската амбасада посебно се радуваме што решивме да го поддржиме овој проект, бидејќи имам слушнато од градоначалникот дека Охрид е еден млад град, град којшто постојано се развива и расте, се населуваат и млади семејства со мали деца, а како што слушнав во тек е изградба и на други игралишта, тоа значи дека потребата е голема“, кажа германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.
Таа нагласи дека со Охрид секогаш имаат добра соработка, тоа ќе продолжи и во иднина бидејќи општината секогаш ги задоволува критериумите за реализација на проектите кои ги задава германската амбасада.
Инаку од Локалната нагласија дека грижата за ова игралиште ја предале на ЈП „Билјанини Извори“, кои ќе имаат обврска да се грижат за безбедноста, уредувањето и одржувањето на ова игралиште.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град