Подготовки за Бадник

Утре е Бадник. Овој празник името го добил по гранка од даб – бадник која се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Постојат разни обичаи кои се поврзуваат за овој ден, некои од нив се одржале до денес.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес православните верници се подготвуваат за Бадник. Овој празник се прославува ден пред Божик и претставува последен и најстрог ден на божиќниот пост, како и голема среќа, бидејќи претходи на денот на Исусовото раѓање. Еден од симболите на народот за бериќетна година е Бадниковото гранче. А за значението на Бадниковото гранче, за ТВМ кажа билкарот Чедо Андрески.

„Бадниковите гранчиња се продаваат денес и утре и утре за Бадник го даваат симболот на народот за бериќетна година и да оди се како што треба, како што ќе даде Господ да оди народот понапред да има здравје и бериќет во луѓето. Ова гранче утревечер кога ќе се стави софрата на вечера тогаш се става да гори во огнот. Дабовото гранче а посебно смреката му дава сила на огнот и мирис и тогаш се благословуват како што се сили огнот така да се сили и фамилијата во куќата“.

Утре рано в зори на врата ќе тропнат првите коледарчиња со специјално изработено дрвено чеканче, кои ја пеат традиционалната коледарска песна.

„Коледа леда, паднала греда, утепала деда, дедо плаче, баба лече, оф пусто старче со куцото магарче“

Андреј денес на градскиот пазар продаваше и дрвени чеканчиња кои сам ги изработил и синоќа цела вечер ги декорирал во разни бои.

Инаку утре традиционално ќе се одржи „Свечена бадникова поворка за навестување на христовото раѓање“ . Поворката ќе започне од Црквата „Св. Ѓоргија“ во 9:30 часот, а во 12 часот на градскиот плоштад претставници на Локалната самоуправа и советниците од Советот на општина Охрид ќе им поделат бадникови пакетчиња на учесниците од Бадниковата поворка. На градскиот плоштад веќе е поставена пештера која претставува симбол на раѓањето на синот божји Исус Христос. Годинава кон поворката ќе се вклучат околу 200 учесници. Организатор на овој настан е група на православни верници со благослов на отец Партениј и со голема поддршка на локалната самоуправа на Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top