Длабоко сочуство до семејството на младо починатото момче од Охрид изрази градоначалникот Никола Бакрачески. Воедно тој упати апел до граѓаните посебно на оние кои се активни на социјалните мрежи да се воздржат и да не даваат избрзани коментари од кои може да произлезат поинакви контексти.
Сочувство до семејството на 26 годишниот охриѓанец Димитар Матиловски кој на новогодишната ноќ беше претепан до смрт од српски туристи, изрази првиот човек на градот Никола Бакрачески.
„Јавно изразувам сочуство со болката и тагата на семејството за прерано починатото момче се работи за млад човечки живот на 26 годишна возраст и загубата на семејството е огромна, неизмерна“ – изјави Бакрачески.
Димитар бил студент на ФОН, на чекор до дипломирање. Неговите другари, соседи, пријатели, кажуваат дека во Охрид бил познат како мирно и повлечено момче. Никогаш не бил насилен ниту имал криминално минато. Димитар вчера утрото во 2 часот и 30 мин беше пронајден мртов пред кафулето Табана. Според извештајот од полицијата, по вербална расправија во кафулето срби на смрт го претепале во строгиот центар на градот. Погребот е закажан за утре 3 јануари.
Градоначалникот Бакрачески упати апел до граѓаните на Охрид, посебно до оние кои се активни на социјалните мрежи, да не го употребуваат овој трагичен настан за други цели.
„Да не избрзуваат со коментари со кои што само ќе ја зголемат тагата и болката на семејството на починатото момче туку да се остават неговите најблиски роднини, пријатели да во мир сочуствуваат со тагата и болката. Не е добро во овие моменти да се користи оваа навистина голема трагедија и за семејството и за градот Охрид за други цели“.
Како што информираше Бакрачески, како одговорна Локална самоуправа имале обврска да се информираат за сите настани кои се случуваат во градов и доколку можат да помогнат во решавање на ваквите немили настани. Па така во текот на вчерашниот ден имале интензивна комуникација со претставници на СВР Охрид, односно со сите кои биле инволвирани во истрагата. Бакрачески се надева дека во наредниот период ќе следи адекватна правна процедура во која што сторителите на овој грозоморен чин ќе бидат соодветно третирани согласно законите и Уставот на Р Македонија и ќе ја добијат заслужената казна. Градоначалникот според информации од надлежните од СВР смета дека безбедноста во Охрид е на потребно ниво, дека се преземале сите мерки како би се подобрила безбедноста на јавните места, во локалите и во сообраќајот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град