Од таму апелираа возачите да не консумираат алкохол, но и да нема употреба на пиротехника во овој празничен период.
Секторот за внатрешни работи од Охрид со активности за безбедна прослава на новогодишната ноќ. Ова во насока на спречување на евентуалните немили настани поради употреба на алкохол и пиротехнички средства кои се карактеристични за овој празничен период. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски денес порача новогодишната ноќ да помине во најдобар можен ред, како и тоа граѓаните да се воздржат од управување на моторни возила доколку консумирале алкохол, но да се воздржат и од употреба на нелегалните пиротехнички средства.
„Секако дека во текот на новогодишната ноќ припадниците на Секторот за внатрешни работи од Охрид ќе бидат поставени на клучните места каде што се прославува новогодишната ноќ, а сообраќајната полиција ќе биде на сите пофреквентни места со поставување на сообраќајни пунктови со кои што ќе се обидеме да ги намалиме можностите од сообраќајни незгоди.Ќе делуваме пред се едукативно, советодавно, и ќе ги упатуваме возачите да се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи.“ -вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во Охрид традиционално за новогодишните празници има и зголемена фреквенција на луѓе, поголем број на туристи кои се одлучиле најлудата ноќ да ја поминат токму тука, па оттука и зголемената потреба од приправност на полициските службеници.
„Во моментов имаме зголемена фреквенција на патнички и други моторни возила, на подрачјето на Охрид, забележително е тоа, но оттука и поставеноста на полициските службеници ќе биде адекватна, како што реков од превентивна смисла, за нас не е важно дали туристите се од Македонија или од странство, важно е за сите да обезбедиме безбедност и сигурност за новогодишните празници.“-рече Димоски.
Сообраќајните пунктови и зголеменото присуство на полициски службеници и тоа како ќе ни дојде добро ако се земе предвид, дека охриѓани и туристите, освен што ќе ги има во зголемен број за празниците, ќе треба да внимаваат и на новите сообраќајни решенија, како што се новите кружни текови во градов, дел од кој сеуште се во изградба. Па можеби токму тие би требало да бидат дел од сообраќајните пунктови на СВР Охрид.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град