Постот е кочија за во рајот, започнаа Божиќните пости

Божиќните пости го најавуваат раѓањето на спасителот Исус Христос. Тие започнуваат денеска и ќе траат до 6ти јануари 2016 година. Во 40 дневниот период верниците се воздржуваат од консумирање мрсна храна, телесни задоволства и се молат пред Бога. За разлика од велигденските во божиќните пости е дозволено консумирање риба.

 |  Николоска Биљана  | 

Од денеска почнуваат Божиќните пости. Во наредниве 40 дена сите православни верници со мирна совест можат да постат во знак на послушност кон Бога, кон кого, секој кој ќе пости, ја нуди својата духовна пожртвуваност и смиреност. Отец Љупчо Симиџиески за ТВМ ја појасни суштината на постот од аспект на телесно и духовно постење. Според него во овој период, молитвата кај православниот христијанин треба да биде застапена што повеќе, посебно во неделите кога започнуваат светите Божествени литургии.

„Телесниот пост се пости во понеделник среда и петок без масло другите денови е на масло а сабота и недела е и на риба. Се разбира ако се падне голем празник и во среда и петок е разрешено на масло и риба. Тоа е од страна на телесниот пост но духовниот пост е многу значаен. Тоа подразбира вежбање на самиот себе, воздржување на сите оние страсти и негативни работи што не одвојуваат од Бога а тоа е да се отргнуваме од завист озборување од не молитвеноста што за жал е застапена многу и неслучајно Светите отци постот и молитвата ги нарекуваат две крила ко што доближуваат до Бога“.

Отец Симиџиоски вели дека многу значајно е верниците да присуствуваaт на светите Божествени литургии кои ќе се одржуваат во сите охридски парохиски Цркви со почеток во 8 и 30 часот.

„Со подготовка да се причестиме што е оној континуитет на одржување како православни христијани токму е преку светата причесна тоа се прави со подготовка. Најспасоносно како што кажуваат Светите Оци, е човек два пати во текот на овие пости да се причести на почетокот на Пречиста и на самиот ден Божиќ, но со подготовка може да се причествува и повеќе пати“ – нагласува отецот.

Симиџиоски вели дека Светите Оци кажале дека постот е кочија за во рајот , но има верници кои од различни причини не можат да постат, како што се болни, доилки, бремени жени, но и здрави луѓе кои не се навикнати и не може да го следат строгиот пост. Ним со благослов од свештеник може да им се ублажи постот и да го држат само првата и последната недела без масло. Или пак кога станува збор за болните да им се овозможи умерено да користат дел од млечните производи во исхраната. Симиџиоски категоричен дека пред се треба да се има желба да се прифати постот како нешто убаво што сакаме да го дариме кон Бога, а не како казна. Со постот се прави еден гест пред Бога дека сакаме да му бидеме послушни, спротивно од непослушните Адам и Ева кои не го почитуваа постот и забраната за овошјето во рајската градина. Божиќните пости траат шест недели и се во чест на раѓањето на Господ Исус Христос. Утрото на Бадник, дечињата кои ги симболизираат ангелите, пеејќи коледарски песни од куќа на куќа, рано утрото го најавуваат Раѓањето Христово. Божиќниот пост завршува на Бадник, предвечерието на Рождеството Христово, со посна вечера.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top