Од Локалната самоуправа веќе интензивно размислуваат како градот да биде украсен за новогодишните празници.
Охрид за новогодишните празници ќе биде уште поубав и поукрасен од лани, најавуваат од Локалната самоуправа. Во Одделението за јавни набавки во тек е изготвувањето на тендерот за новогодишно украсување на градов. Ќе се бара најдобриот понудувач кој ќе го облече Охрид во новогодишно руво. Интензивно се размислува и за програмата со која охриѓани и гостите ќе се забавуваат на градскиот плоштад.
„Охрид од година во година треба да биде што поубаво украсен. Тоа е интенција на оваа локална власт. Издвоени се средства од буџетот за оваа намена, сега треба да се запазат законските процедури околу тендерот и од средината на декември ќе започнеме со украсување на градот“, вели секретарот на општината Димитар Спасески.
Минатата година Охрид беше пофален и од гостите и од мештаните за неговиот новогодишен изглед. Особено убаво беше украсено централното градско подрачје и плоштадот. Оваа година ќе има нови изненадувања, ветуваат од Локалната.
„За централното градско подрачје ќе се набават нови реквизити. Плоштадот ќе биде централното место кое ќе биде најубаво украсено. Со тоа ќе имаме една нова понуда за посетителите, а заедно со културните настани ќе имаме празници за паметење“, ветува секретарот.
Периферијата на градот ќе се украсува со реквизитите кои ги има општината од минатите години. Но Спасески вели дека ништо помалку внимание нема да се посвети и таму бидејќи сите граѓани подеднакво заслужуваат да уживаат во убавините на украсен град.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град