Според секретарот на општината Димитар Спасески со процедурите кои тие ги вовеле било заштедено многу во однос на нафтата и превозот на учениците. Со најновиот ребаланс на буџетот на општината, во делот кој се однесува на програмата за образование, Секретарот вели дека локалната ќе се спаси од дополнителни камати и извршни решенија поради долговите кон економските оператори.
Благодарение на поголемиот прилив на средства во општина Охрид, локалната ги зголеми предвидените средства за превоз и нафта во училиштата. Овие дополнителни средства кои се издвоија со последниот ребаланс на буџетот, според секретарот на општината Димитар Спасески се единствено во насока на регулирање на наследените долгови на училиштата кон економските оператори кои ги снабдуваат училиштата со нафта и кои го вршат превозот на учениците. Според опозицијата во градскиот совет пак, ваквото зголемување наговестува дека локалнатата работи недомаќински во делот на трошењето на нафтата и превозот на учениците. Советничката од редовите на СДСМ, Оливија Пирузева Јанева вели дека постои сомнеж дека првичното намалување на средствата предвидени за овие намени било само популистичка мерка за да се покаже дека локалната работи домаќински.
“На што се должи зголемувањето на овие средства. Не можам да сфатам на што се должи зголемувањето затоа што не е ниту објаснето на што се должи, во врска со нафтата, дали е турено повеќе нафта во текот на периодов, или нафтата е турена кога беше поскапа, не можам да сфатам. Во една прилика секретарот ме убедуваше дека оваа власт сега многу подомаќински работи, посебно во поглед на точењето на нафтата во училиштата, и дека има многу јака и голема контрола.”-вели советничката Јанева.
Според секретарот Спасески, ваквото зголемување на предвидените средства за овие две ставки ќе значат спас за општината, па и за училиштата, од дополнителни камати и извршни решенија поради наталожените долгови на училиштата.
“Јас и тогаш и денес ви велам дека со домаќинското работење и со воведените процедури ние штедиме во училиштата, во однос на нафта и превоз и апсолутно дека стојам на таа изјава која што ја дадов тогаш. За ваша информација, за стари обврски по основ на нафта, кон економскиот оператор кој што ги снабдувал училиштата во Охрид, стари обврски имаме наследено околу 32 милиони денари, а по однос на превоз околу 7 милиони денари. Од тие причини се јавува потреба за континуирано зголемување на средства и веројатно до крајот на нашиот мандат ќе гледате зголемување на средствата по овој основ затоа што економските оператори добиле гаранции од нас дека ќе ги исплаќаме старите обврски.”-рече Спасески.
Спасески додава дека кога локалната би имала идеална ситуација, без никакви долгови, зголемувањето на средствата по основ на нафта и превоз на учениците би значело или потрошено повеќе нафта или превезени повеќе ученици, но според него, ситуацијата е далеку од идеална бидејќи станува збор за случај оптоварен со многу судски пресуди. Спасески смета дека доколку не би се издвоиле вакви средства и не би се исплаќале старите долгови кон економските оператори би се изложиле на двојна опасност и тоа блокирање на сметките на училиштата и нејавување на економските оператори на тендерите што според него би довело до сериозни проблеми.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град