Сe помалку се почитува Законот за забрана од пушење

Од општинскиот пазарен инспекторат најавуват поригорозни контроли во зимскиот период кога најчесто се пуши во затворен простор. За прекршителите следуваат високи казни.

 |  Голабовски Крсте  | 
pusenje

pusenjeОхриѓани се жалат дека во голем број од угостителските објекти во градов не се почитува Законот за забрана за пушење. Тие велат дека сопствениците, а и гостите како да подзаборавија на ова законско решение кое беше донесено пред четири години од страна на Министерството за економија. Од подрачната единица на државниот пазарен инспекторат пак тврдат дека се прават редовни контроли за тоа колку се почитува или не овој закон, а за прекршителите се изрекуваат глоби. Контролите се прават секојдневно и тоа не само по угостителските објекти, туку и во сите трговски и занаетчиски објекти, бутици, продавници и сите единици од локалната самоуправа, а посебно е ригорозно во јавните здравствени установи. Во согласност со одредбите од Владата секој инспектор дневно треба да направи минимум три контроли согласно Законот за заштита од пушење. Контролите во угостителските објекти позачестено се прават во зимскиот период бидејќи на лето посетителите  најчесто седат на летните тераси. На зима се пуши на зимските тераси кои ги има во поголем број од угостителските објекти низ градов. Ѓорѓи Бошалески, раководителот на државниот пазарен инспекторат, вели дека во овој простор доколку има природна вентилација може да се пуши.

pusenje„Од пред три години во контролирањето на спроведувањето на Законот за заштита од пушење на пазарната инспекција и помагаат и државниот санитарен инспекторат, државниот инспекторат за труд, УЈП и МВР. Факт е дека некои објекти упорно не го почитуваат законот иако добро им се познати неговите одредби“, вели Бошалески.

Контролирањето на спроведувањето на Законот за забрана на пушење во јавните институции го врши трудовиот инспекторат, во училиштата просветниот инспекторат, а во болниците, здравствениот инспекторат. За подобро спроведување на Законот за заштита од пушење, инспекторите имаат законска дозвола, доколку при инспекциски надзор утврдат непочитување на забраната за пушење, веднаш да го затворат објектот. Затворањето ќе биде во траење од 7 дена за трговец-поединец и до 15 дена за правното лице. Инспекторите се воедно обврзани да изготвуваат квартални извештаи за утврдените неправилности кај физичките и правните лица и да ги објавуваат на веб страницата на Инспекторатот.

Анализите на Светската здравствена организација покажуваат дека Mакедонците се страсни пушачи, односно дека 40 отсто од македонската популација пуши. Антипушачките кампањи се оценуваат како неефикасни, а Законот за забрана за пушење на јавни места засега не ја постигна саканата цел.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top