Фрлени темелите на фабриката на ОДВ Електрик

Денес беше означен почетокот на изградбата на гринфилд објектот на германската компанија ОДВ Електрик во зоната.

 |  Мишел Наумоски  | 
odw

Удрени темелите на гринфилд објектот на германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ Електрик. Денес свечено беше означен почетокот на изградбата на оваа прва инвестиција во технолошко-индустриската развоја зона Струга-Охрид. Според извршниот директор на ОДВ Електрик, Лудвиг Батон, тенденција на компанијата е фабриката во Македонија да прерасне во уште една успешна приказна.

Ludvig Baton ODW„ОДВ Електрик има амбициозни планови за Македонија со тоа што планираме да го зголемиме производството, да понудиме различни производи, да пренесеме нови технологии. За да го постигнеме тоа, ОДВ Електрик ќе инвестира во обука и надградба на вработените, ОДВ Електрик е општествено одговорна компанија, голем дел од нашето внимание е посветено на привлекување, мотивирање и задржување на талентите во сите наши фабрики. Ова е нашата јасна цел и во Македонија. Да ги придобиеме и задржиме најдобрите луѓе“.-вели извршниот директор на ОДВ Електрик, Лудвиг Батон.

Според премиерот Груевски, ОДВ Електрик и нивниот влез во охридско-струшкиот регион е доказ дека напорната работа дава резултати.

temeli ODW„Фабриката ќе биде готова до јуни следната година, вкупниот капацитет на вработени што ќе се вработат во фабриката ќе биде илјада луѓе, инвестицијата ќе биде 15 милиони евра, ќе се произведуваат делови од автомобилската индустрија, ќе се продаваат во речиси сите земји на ЕУ и во Кина, најголем нивни купувач е Фолксваген со целата палета на нивни автомобили. Ќе имаат сериозен извоз од Република Македонија, ќе започнат со десетина милиони, но потоа годишниот извоз ќе расте на 15, 20 и можеби и повеќе милиони евра, ќе има и сериозен износ од додадена вредност тука во Македонија од неколку милиони евра, така што се работи за нов сериозен играч во делот на автомобилската индустрија во Република Македонија.“-рече премиерот Никола Груевски.

TIRZ Struga-OhridСпоред вицепремиерот Ставрески пак, макотрпен бил процесот додека се стигнало до денешниот свечен настан на поставување на темелите на фабриката на ОДВ Електрик.

„Реализацијата на секоја инвестиција е макотрпен процес. Денеска сме тука на оваа убаво поставена бина и се изгледа едноставно, меѓутоа во суштина, зад овој настан, пред овој настан се вткаени многу макотрпни напори и работа на многу луѓе за да се случи ова. Реализацијата на инвестицијата подразбира прво да се средат работите во државата од аспект на бизнис климата и ние тоа го направивме.“-изјави Ставрески.

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер вели дека вистински стимул за земјава е тоа што компанија од најголемиот извезувач во светот одлучила да инвестира во технолошко-индустриската развојна зона во овој регион.

temeli ODW elektrik„Претпријатијата со германски капитал во Македонија создадоа повеќе илјади работни места, ОДВ се вбројува во нивните редови и се надевам дека вашето претпријатие на многу луѓе во регионот на Охрид и Струга, ќе им донесе плата и парче леб. Преку германските инвестиции во странство ние германците всушност ги извезуваме и нашите стандарди, како безбедноста при работа, насоченост кон работниците, квалитет на производите, сериозност и доверба. На тоа сум горда и знам дека ОДВ Електрик со себе ќе ги донесе сите стандарди во Македонија.“-вели амбасадорката Алтхаузер.

Gruevski temeli ODWДиректорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, појасна дека во зоната на вкупна површина од вкупно 30 хектари, се предвидени десет градежни парцели, а нејзината локациска поставеност веднаш до аеродромот, како и до граничниот премин до Албанија, ќе им овозможи на инвеститорите одлична комуникација со меѓународниот пазар.

„Уверен сум дека позитивните примери на инвеститорите, позитивната бизнис клима, квалификуваната работна сила и индустриската традиција на регионот ќе бидат повод и други странски инвеститори да ја одберат Македонија, ТИРЗ зоната во охридско-струшкиот регион за локација каде ќе ги реализираат сите свои бизнис планови.“-изјави Мизо.

Инвестицијата на ОДВ Електрик ќе се одвива во две фази. Во првата ќе бидат вработени 500 лица, и уште толку во втората фаза. Инаку ОДВ Електрик веќе започна и со производство на првите свои производи преку својата браунфилд инвестиција, односно инвестицијата во веќе постоечки објект. Таму, под менаџментот на директорот на ОДВ Електрик за Македонија, Огнен Цубалевски компанијата веќе остварува позитивни резултати од своето функционирање, кои ќе бидат пресликани и во новиот објект кој денес започна со градба.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top