Позитивните искуства да се применуваат, но само доколку одговараат на образовните потреби на државата. Ова меѓу другото беше истакнато на балканскиот конгрес за образование и наука кој се одржува во Охрид.
Да се гради сопствен образовен систем, да се прифаќаат делови од други образовни системи или целосно да се копираат други системи кои се покажале успешни во поразвиени земји. Ова е дилемата со која се соочуваат најголемиот дел од балканските држави. Во време на глобализација, кога решенијата се достапни на дланка се чини најлесно е да се копираат туѓите решенија. Според деканот на Педагошкиот факултет од Скопје, проф.д-р Владо Тимовски, глобализацијата треба да се обработува само преку прифаќање на некои теми или содржини кои се општоприфатени во повеќе земји.
„Јас мислам дека секоја држава својот образовен систем си го гради. Образовните системи се како цвеќиња, тие успеваат на една почва или не успеваат, не може решенија да се пренесуваат од една земја до друга, меѓутоа има извесни содржини или извесни предмети кои треба малку и на поглобален план да се зафата. Пример прашањето со религиите, тоа многу се разговара и главно се чувствува потреба низ тие содржини младите да се запознаваат со живите светски религии, со нивните етички системи и на тој начин да доаѓа до зближување.“-вели проф.д-р Владо Тимовски-Декан на Педагошки факултет-Скопје.
Неговото мислење го дели и деканот на учителскиот факултет од Загреб, проф. д-р Иван Прскало. Тој смета дека добро е да се извлекуваат најдобрите практики од туѓи образовни системи, но дека тоа може да има и спротивен ефект.
„Тука постои и опасност, да се земат лоши искуства само затоа што доаѓаат од некоја земја или образовна институција за која веруваме дека е подобра. Тоа е опасност и во оваа област и тука треба да се биде критичен. Затоа мора да се осврнеме критично кон се она што доаѓа од надвор. Македонија на пример има добар систем. Не треба да бидеме премногу самокритични, некогаш е модерно тоа да се каже дека нашето не чини, но тоа е погрешно. Вие во тоа „нашето не чини“ ќе го уништите и она што било навистина добро, и ќе препишите некој рецепт кој кај некој друг се покажал лошо, но само затоа што доаѓа од друга страна ќе го прифатите.“-рече проф.д-р Иван Прскало-Декан на Учителски факултет-Загреб.
Со оглед на географската близина на земјите на Балканот, заедничката историска позадина, генерален став е дека и образовните системи се слични едни со други. Сепак, според проф.д-р. Лилјана Речка од Универзитетот „Џирокастро“ од Албанија, заедничка цел на образовните институции од регионот треба да биде и формирање на заеднички студиски програми. Ова е еден од заклучоците на дводневниот балкански конгрес за образование и наука на педагошките факултети од регионот.
„Нашето учество на овој конгрес не е само за презентација на нашите трудови, туку да се создаде Балканска унија за развој на образованието на Балканот, конкретно, состанокот со сите други декани од педагошките факултети од регионот беше корисен затоа што сакаме една поголема соработка во која ќе целиме кон заеднички студиски програми, заедничко учество во научни проекти и реализација за што се согласивме да потпишеме билатерални договори помеѓу сите факултети учесници.“-изјави проф.д-р Лилјана Речка-Универзитет „Џирокастро“-Албанија.
Инаку во рамки на конгресот на кој се дискутираше на темата „Образованието и глобализацијата“ учество земаат педагошките факултети од Едирне-Турција, Факултетот од Стара Загора, Џирокастро- Албанија, Педагошкиот факултет од Скопје и Учителскиот факултет од Загреб. Покрај широките дискусии на споменатата тема, од овој конгрес редовно излегуваат и научни публикации на тема образование.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град