Воедно на денешната свечена церемонија, универзитетот им посака добредојде и на новите студенти од генерацијата 2015та година.
45 студенти од втората генерација на универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ денес ги добија своите дипломи. Доделувањето на дипломите беше навистина посебно доживување и за првиот воопшто магистрант на овој универзитет, м-р Љупчо Балески кој магистрирал на студиите за информатички науки и технологии. Денешната свечена церемонија на доделување на дипломите воедно претставуваше и топло добредојде за новозапишаните студенти кои ги поздрави и заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски. Според ректорот на универзитетот, Нинослав Марина, тенденцијата за стабилен раст на универзитетот овозможила континуирано зголемување на бројот на запишани студенти, бројот на ангажирани академски професори како и бројот на студиски програми кои се нудат.
„Драги дипломци, да се биде дел од првата генерација студенти ве стави во улогата да одите во чекор со новородениот универзитет, периодот од 6 години откако е основан овој универзитет е многу краток во смисла на негово постоење, но екстремно важен затоа што имаме пет години континуиран раст на бројот на запишани студенти, бројот на студиски програми, академски персонал, но најважно од се бројот на објавени научно истражувачки работи. Ова ни овозможи квантен скок на Шангајската листа на најдобри светски универзитети, воедно посакувам добредојде на нашите нови колеги, студентите од генерацијата 2015та.“-вели Нинослав Марина, ректор на УИНТ „Св.Апостол Павле“.
Инаку оваа година, заклучно со вториот уписен рок, на универзитетот запишани се вкупно 121 студент или заедно со странските студенти, вкупно 193 студенти. Покрај македонските студенти, годинава универзитетот меѓу другите, ќе го посетуваат и студенти од Шпанија, Кина, Русија, Узбекистан, Виетнам, Индија, Тајланд, Албанија. Третиот уписен рок на универзитетот е на 16ти септември.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град