Фестивалот традиционално ќе биде отворен со претставување и дефиле на учесниците низ охридските улици.
Изведби на духовна музика, музика од старите мајстори од ренесансата, поп и фолк аранжмани. Ова се само дел од пријатните звуци кои охриѓани и туристите ќе имаат можност да ги чујат наредниве денови на осмото по ред издание на Охридскиот хорски фестивал. Подготовките се при крај, а веќе во четврток ќе следи и традиционалното дефиле на учесниците низ охридските улици. Концертната програмата ќе се случува за време на викендот.
„Главната програма на фестивалот е во петок, сабота и недела, и во најголем дел се одвива во „Дијамантската сала“ во Инекс Горица, имаме еден концерт на духовна музика во Католичката црква. Сите концерти се бесплатни, и ги покануваме сите што се заинтересирани, љубители на музиката, на хорското пеење да видат, да научат нешто ново и да дојдат на концертите.“-вели Александар Димоски од Охридскиот хорски фестивал.
Петчленото интернационално жири на хорскиот фестивал ќе има исклучително тешка работа. Нивниот истенчен слух ќе биде пред тешката задача да одлучува не само помеѓу убавината на хорските изведби туку и по програмата која диригентите ја одбрале.
„Најатрактивниот дел од фестивалот се натпреварите, каде што хоровите треба да се претстават со разновидна програма, не смее да е еднолична, тие обично пеат една духовна, една со поп аранжман, малку од класиката пеат, обично старите мајстори од ренесансата се многу добри и барани, во натпреварите, жирито многу ги цени, современа музика од дваесеттиот век, романтизмот, и во натпреварите се хорови кои се навистина подготвени и добри. Имаме и ревијални концерти кои не се со натпреварувачки концепт кои се малку порелаксирани, забавни концерти, меѓу кои е и тој фолк и поп концерт.“-рече Димоски.
На годинешното издание на Охридскиот хорски фестивал ќе се претстават 22 хора од 11 различни земји. Половината од нив се учесници кои веќе години наназад доаѓаат во Охрид, а останатите се нови учесници. Годинава, организаторите на фестивалот подготвиле и музичко изненадување, односно гостување на бугарската атракција Војс ленд, но и подароци за сите посетители на хорскиот фестивал кои ќе го најават своето присуство.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град