Носење на сопствени одлуки, преземање одговорност за сопствениот живот и напредок. Започна шестата по ред школа за млади лидери која се организира на иницијатива на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
„Целта на школата за млади лидери е од успешните луѓе да направи уште поуспешни, да создаде позитивни примери за другите.“-рече претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов на отворањето на шестата по ред школа за млади лидери во Охрид. Според Иванов, човек што не носи одлуки е склон да робува и да се покорува, а оној што носи вистински одлуки е учител и оној што го следат. Денес младите живеат во свет во кој имаат пристап до огромен број податоци, сознанија и информации, при што улогата на Школата за млади лидери е да им покаже вештини за тоа како да се ориентираат во планетарното општество, кажа Иванов.
„Сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Европјани. Оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија, и доколку поради познатите блокади не можеме да бидеме дел од ЕУ, барем младите да ги направиме Европјани во Македонија, да ги почувствуваат вредностите што ги имаат нивните врсници кои имале среќа да бидат дел од ЕУ.“-вели претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Пред младите лидери се обрати и поранешниот шеф на италијанската дипломатија, Франко Фратини, според кој, фактот што Македонија е сеуште надвор од ЕУ како и бескрајната приказна околу името се последица од недостигот на лидерство.
„Да се биде вистински лидер мора да се сака својата земја. Не можете да бидете лидери ако во вас постои мислата еден ден да ја напуштите својата земја, без жалење. Јас ја сакам мојата земја, ја сакам Европа. Токму затоа сум работел и ќе работам за доброто на мојата земја и за доброто на Европа“-вели Фратини.
Според поранешниот претседател на Бугарија пак, Петар Стојанов, иднината на Балканот е во вистинско создавање на мостови и заедничка европска визија.
„Бугарија е членка на ЕУ, и еден ден ќе бидам толку среќен да видам како и Македонија станува дел од ЕУ и заедно да тргнеме Македонија, Бугарија и Србија да бидеме сите дел од Европската Унија.“-изјави Стојанов.
На годинешната, шеста по ред школа за млади лидери учество земаат вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко. Истата ќе трае до 28ми август. Инаку идејата на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град