Кризата во бракот во четириесеттите години, влијанието на минатото врз сегашноста ова се темите и прашањата кои ќе бидат отворени на уште една премиера на фестивалот Охридско лето.
Исклучително комплексниот и психолошки текст „Стари времиња“ на Харолд Пинтер ќе отвори нови прашања пред публиката на Охридско лето. Во изведба на Охридскиот народен театар, оваа премиера преку евоцирање на спомени прикажани преку мислите на актерите ќе се обиде да ги одговори на предизвиците на брачните кризи во четириесеттите години, но и постојаното влијание на минатото врз случувањата во сегашноста.
„Во таа смисла ние направивме еден колаж од сеќавања значи тоа е една сложувалка, растурена сложувалка на сеќавања, во која што и оставаме на публиката сама да ја сложи сложувалката, значи не даваме дефинитивен одговор бидејќи авторот како таков секогаш вели дека нема една вистина во текстот, дека има повеќе вистини и тоа е нешто што е суптилно и карактеристично за неговите текстови. Во однос на темите тој секогаш отвора нови теми, една од темите со кои се занимава е кризата во бракот во четириесеттите години, конкретно во оваа претстава како и темата на минатото.“-вели режисерката Нела Витошевиќ.
Директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцеска, вели дека настапот на Охридскиот народен театар со уште една премиера на Охридско лето е доказ за разновидноста кои тие како театар ја нудат на публиката.
„Ова е 14та премиера на Охридскиот народен театар при Центарот за култура „Григор Прличев“ и со голема поддршка од Министерството за култура, театарот се здоби со уметнички поголем потенцијал, технички потенцијал, од година во година нашите услови се подобруваат така што прераснуваме и го зголемуваме нашиот квалитет и како театар и како институција секако на радост и на публиката, тоа се гледа и во разноликоста на репертоарот која ја негуваме, не сме ограничени жанровски отворени сме репертоарски секако пред се заради публиката која заслужува да погледне различен тип на претстави.“-рече Боцеска.
И покрај убавата најава за настапот на Охридскиот народен театар на Охридско лето, сепак на денешната прес конференција изостана присуството на актерската екипа која ќе ја одигра претставата. На новинарско прашање зошто актерите не се присутни на конференцијата за печатот, од режисерката Витошевиќ беше посочено дека станува збор за умор на актерите бидејќи нивната синоќешна проба завршила во раните утрински часови. Витошевиќ потенцираше дека за неа како режисер било поважно актерите да бидат одморени за вечерашната изведба отколку истите да се појават на прес конференцијата. Сепак мал сомнеж на ова тврдење фрла фактот дека пред почетокот на прес конференцијата беше најавено присуството и беа поставени картички со имињата на актерите кои се дел од претставата. Инаку претставата „Стари времиња“ ќе биде одиграна вечерва на отворената сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град