Министертвото за транспорт и врски веќе има склучено договор со најповолниот понудувач кој ќе има задача на плажата во Лагадин да и го даде новиот лик предвиден со избраното идејно решение. Според граѓанската иницијатива Охрид С.О.С пак ваквиот изглед на плажата не му доликува на Охрид и езерото, а воедно ќе значи и нарушување на околниот еко систем.
75 милиони денари вредната плажа во Лагадин која според најавите треба да добие медитерански изглед, наместо во август, како што првично беше најавено, ќе биде уредена по завршувањето на летната туристичка сезона.
Ова е одговорот кој денес го добивме од Министерството за транспорт и врски, на прашањето кога ќе се започне со уредување на оваа плажа. Во однос на постапката за издавање на одобрение за уредување на плажата, од министерството велат дека тоа е во надлежност на општина Охрид. Инаку целата процедура започнува со барањето на општина Охрид за уредување на пет плажи на Охридското Езеро, по што била спроведена јавна набавка на која се избрало идејното решение. Врз основа на тоа идејно решение била изработена проектната документација за уредување на плажата, а врз основа на документацијата бил распишан оглас за уредување на плажата по што бил склучен договор со најповолниот понудувач. Изградбата на Медитеранската плажа е проект на Владата. Нејзиното градење е планирано помеѓу хотелот Два Бисери и кампот Елешец во должина од 500 метри. По целата должина на плажата ќе бидат посадени палми кои треба да го донесат духот на медитеранот.
Но токму тој медитерански дух е проблемот за кој реагираат еколозите. Д-р Трајче Талевски од граѓанската иницијатива „Охрид С.О.С“ кој долги години работи како стручен работник во Хидробиолошкиот Завод, вели дека секоја изградба на плажи носи нарушувања во целиот околен еко систем, но дека веќе неколку години наназад за ваквите прашања, од нив како стручни лица, ниеден архитект не побарал стручно мислење за можните импликации.
„Мислам дека таква соработка помеѓу архитектите и науката треба да постои меѓутоа во конкретниов случај за Охрид не постои. Можеби постои но во некаква поинаква спрега се градежниците или архитектите и научниците кои би требало да дадат мислење но се во штета на езерото се даваат тие мислења и мислам дека мора да постои вистинска соработка помеѓу науката и архитектурата односно архитектите, бидејќи едноставно е да се нацрта линија, линијата не прави ништо, меѓутоа кога ќе се изгради таа линија, кога ќе се види дека всушност тоа е бетон, дека е тоа некаков неприроден материјал за езерото дека тоа е најголемиот проблем кој се јавува после тоа.“-вели д-р Талевски од „Охрид С.О.С“.
За можните последици врз еко-системот во езерото од уредувањето на плажата во Лагадин, но и за стилот во кој истата ќе биде уредена побаравме став и од Министерството за транспорт и врски, но на ова прашање, не добивме одговор. Инаку, жителите на Лагадин пред почетокот на летната туристичка сезона испратија и петиција со стотина потписи до Локалната самоуправа, Владата и Министерството за транспорт и врски во која велат НЕ на реализацијата на овој проект.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град