• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Неовластено ракување со водоснабдителните вентили ги остава лесковчани без доволно вода за пиење

Неовластено ракување со водоснабдителните вентили ги остава лесковчани без доволно вода за пиење

Од МЈП Проаква велат дека работат на решавање на овие повеќегодишни проблеми. Во централното градско подрачје пак проблем е наглото зголемување на потрошувачката на вода.

 |  Мишел Наумоски  | 
voda

Кој знае кое лето по ред, дел од жителите на Лескоец се соочуваат со недостиг на вода за пиење и недоволен притисок на истата. Од меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“ велат дека најголем проблем имаат оние жители кои сеуште се снабдуваат со вода од стариот водоводен систем. Најголемиот проблем во Лескоец, но и во Велгошти, според Влатко Иваноски, раководител на дистрибуција на вода во МЈП Проаква е неовластеното ракување со водоснабдителните вентили.

„Тоа мора граѓаните да го сфатат, дека водата треба рационално да се користи. Проблеми има во Лескоец и Велгошти, денеска екипите се и во Лескоец и во Велгошти. Овие проблеми се малку и од човечки фактор, ние ја регулираме водата во Велгошти, а наредниот ден гледаме дека вентилите се вртат, кој како сака си ги врти вентилите. Денеска ќе стапиме во контакт и со МВР, и ќе поставиме и ние чуварски екипи на сите места каде што имаме сомнение дека се вртат вентилите, па да ги лоцираме кои се тие луѓе па понатака постапката да си оди како што треба.“-вели Иваноски.

Изминатиов период, и граѓани од централното градско подрачје во неколку наврати на социјалните мрежи реагираа дека немаат вода за пиење во одредени периоди. Од Проаква со објаснување.

vodovodna mreza leskoec„Прекините се краткотрајни односно не се баш прекини туку намалување на притисокот. Е сега тоа се должи на зголемената потрошувачки, некаде од 17, 18 часот па до 20 часот сите се враќаат од плажа, па затоа и апелираме до граѓаните во тој период да не наводнуваат, барем ако се наводнува да се наводнува во подоцните часови.“-рече Иваноски.

Инаку што се однесува до водоснабдувањето во Лескоец, во насока на решавање на недостигот кој се јавува во летниот период, Иваноски информира дека до крајот на оваа недела ќе започнат со изградба на новата водоводна линија долж улицата „Рашанец“ од влезот на Лескоец кај градскиот авто пазар, па се до излезот кај фабриката ЕМО. Во првата фаза од проектот ќе се изработат 500 метри водоводна мрежа.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top