Младинските активности на волонтерите на Црвениот Крст од Охрид се прошируваат. Покрај промовирање на хуманитарниот и моралниот дел ќе се промовираат и спортските активности. Денес на охридската плажа Горица 1, децата имаа можност да се запознаат со првите чекори на неколку атрактивни спортови, а возрасните да го контролираат своето здравје. Новина на Црвениот крст, е што годинава за прв пат доктори со велосипеди ќе даваат прва помош низ охридските плажи.
Предизвиците на спортовите на вода, достапни за младите охриѓанчиња. И не само тоа, ОО на Црвениот крст во Охрид и неколку клубови, „Охридски Бранови“, „Еко Дром“ и „Акватика“ денес организираа спортски игри. Првиот човек на оваа организација Сашо Точков, ги појаснува причините поради кои се јавуваат како организатори.
„Можеби е чудно зошто Црвен крст се бави со оваа работа, но морам да кажам дека со помош на наши пријатели од Шведска имавме една донација на реквизити, кајаци, велосипеди, рекети за тенис и сите тие ќе бидат во служба на овој еден нов сегмент во Црвениот Крст, кој што оди во поттикнување и промоција на спортот меѓу младите и на здравиот начин на живеење“ – објаснува Точков.
Школата за едрење и кајак ќе трае цело лето, односно додека дозволуваат временските услови, вели Стефан Ставрев од здружението „Акватика“. Тој нагласи дека со децата се работи секојдневно од понеделник до петок. Ставрев додаде дека работат со професори и имаат теоретски и практичен дел, безбедноста им била на прво место, а сите деца кои влегувале во вода ги следеле со будно око
„Тренираме тука за да ги научат вештините и на едрењето и на кајакот, ориентација во просторот, езерото, од каде дуваат ветровите, како се весла и едри по бранови, на мирно езеро. Тоа е се што ние го нудиме за некој ден почнуваме со симулторот за едрење на даска, ќе биди присутен инструктор од Скопје“ – вели Ставрев.
Новина годинава е што во организација на Црвениот крст, мобилна екипа на доктори ќе патролира по охридските плажи. Тие со 4 велосипеди донација од Шведска ќе бидат во служба на медицинска безбедност на капачите на плажите.
„Основната, базичната помош за капачите, ќе има преврски на рани, дезинфекција, имаме разни завои за имобилизација. Ќе имаме станици, со кои ќе контактираме со спасителите доколку има некаде потреба, ќе бидеме подостапни посебно за места каде што не можат да стигнат возилата на брза помош – изјави – д-р Сафет Салкоски
Инаку, децата на плажата Горица 1 денес имаа можност како промотивни активности да ги научат техниките на едрењето, кајакарството и пливањето, со инструктори, лица специјално обучени за тоа. Тие покрај што спортуваа, имаа можност и да се запишат за активно да тренираат во некој од спортските клубови за вода. Промотивни активности имаше и за учење на вештините и техниките за возење велосипед и играње тенис. За возрасните пак, Црвениот Крст имаше обезбедено еден пункт со нивното амбулантско возило каде се правеа основни бесплатни лекарски прегледи, од стручни лица.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град