„Архитектонскиот развој на Охрид мора да биде предмет на заедничко разгледување на архитекти, биолози, историчари, социолоци.“-вели професорот по архитектура д-р Мишко Ралев.
Охридската архитектура и развојот на градот треба да бидат природна архитектонска револуција која ги доближи различните временски стилови, а нема да ги конфронтира.
Според професор д-р Мишко Ралев од Факултетот за архитектура при „Американ колеџ“ смета дека секое архитектонско дело мора да биде промислено и да е децении понапред од сегашноста во која треба да функционира. Тој смета дека охридската архитектура не смее да се става во временска капсула затоа што тоа не е музеј, но додава дека секоја промена и архитектонска еволуција мора да се прави без да се уништи она што е традиција и историја. Според него, нашата стара охридска архитектура е обемна и мора да се разгледува од повеќе аспекти.
„Развојот на Охрид, треба да биде предмет на разгледување на интердисциплинарни тимови, ниту архитектите, ниту раководителите на локалната самоуправа или пак државата затоа што знаеме дека самото езеро е под државна контрола не смеат да излегуваат со свои лични идеи за тоа како Охрид треба да се развива. Охрид треба да биде навистина предмет на разгледување на повеќе струки. Од сите од биолози од метеоролози, од социолози, историчари,архитекти па и политичари и економисти се разбира.“-вели професор д-р Мишко Ралев.
Проф.д-р Ралев вели дека и во Охрид модерното и старинското мора да се спојат меѓу себе но само како една природна еволуција на нештата притоа воспоставувајќи дијалог со сите аспекти на градбите, вклучително и комуникацијата на објектите со природата во која се сместени.
„Активностите на луѓето не смеат ни тој природен диверзитет да го нарушат, затоа треба сите овие идеи како да се донесат што повеќе туристи да се преработат, да се преиспитаат. Дали нас ни треба брза сообраќајница по долж брегот на езерото, да се согледаат односно симулираат одредени активности кои би донеле до вакви или такви резултати, денешната технологија ги нуди тие можности затоа што во тој мозаик кој што се нарекува Охрид и охридско крајбрежје и Охридско Езеро, едно камче ако се извади може целиот мозаик да потемни.“-рече тој.
Според проф.д-р Ралев неизбежна е употребата и на новите современи технологии но само за истите да помогнат во одржливоста на системот. Занимавањето на човекот со архитектурата, со изградбата на живеалишта и објекти за општествен живот е во една постојана промена, постојано барање и хуманизирање. Додава дека и во минатото се случувале архитектонски промени на Охрид кога природно бројот на жители се зголемувал, но кога се менувал и општествениот живот на охриѓани.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град