Денеска е Св Наум Охридски. Овој светец бил најблискиот соработник на свети Климент, првиот словенски епископ. Десетина години пред смртта го основал манастирот посветен на светите Архангели на Охридското езеро. Овој манастир е денешниот Св. Наум, каде на денешен ден, неколку илјади верници не само од православна туку и од исламска вероисповест доаѓаат да се поклонат на неговиот гроб.
Православните верници денес го празнуваат споменот на Св. Наум Охридски, светецот што вршел чуда за време на животот и после смртта, основоположникот на охридската книжевна школа. Тој освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител. Чудата на Св Наум се претставени и на фреските од неговиот манастир на брегот на Охридското езеро кој од синоќа е исполнет со верници кои носат дарови и се поклонуваат пред моштите на големиот светец.
Манастирскиот комплекс „Свети Наум“ низ вековите важел за мистично место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ, вели отец Ристески.
„Традиција е да се носат разни дарови кој колку може, како што милува и сака. Карактеристично е тоа што носат јагниња, ритуално ги вртат околу црквата што не е нај православно, меѓутоа тоа е толку длабоко вкоренета традиција што ние како црква не би можеле да ја искорениме таа појава“. – вели отец Ристески.
Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни необични случки што ги доживуваат во Свети Наум, вели отец.
„Свети Наум Охридски постојано прави чуда и постојано Бог делува преку него посебно на денешен ден. Затоа на неколку години се реиздаваат книгите, „Чудата на св Наум“ со нови чуда. Глувонеми дечиња прозборуваат, од разни болести луѓето се исцелуваат, брачните двојки кои немаат дечиња бог им адава пород“ – појаснува отец Ристески.
Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил. Тој се упокоил во 910 година, на 23 декември по јулијанскиот календар. Со оглед на тоа што тој ден паѓа во пост, за поторжествено празнување на неговиот спомен, уште од старо време Охридската Архиепископија го установи неговиот празник за време на летото, на денешен ден. Но како што вели отец Ристески, срцето на Св Наум сеуште чука, односно светиот дух постојано дејствува 2000 и повеќе години во црквата, затоа чудата се реални и се остваруваат. Како и секоја година, за големиот верски празник Свети Наум, во рамки на манастирскиот комплекс не изостана и панаѓурот со тезги каде можеше да се купат сувенири, храна и пијалоци.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град