Ова е една од поентите на втората меѓународна конференција за климатски промени насочена кон општинските стратегии за справување со овој глобален проблем.
Придонесот и одговорноста во борбата со климатските промени е товар што треба да го преземат и најголемите и најмалите општини, и најголемите и најмалите држави. Ова е само дел од поентите искажани на втората меѓународна конференција за климатски промени која се одржува во Охрид. Истата е насочена кон креирањето на општински стратегии за климатски промени односно планирање на идните чекори кои локалните самоуправи ќе треба да ги преземат за да го дадат својот придонес во намалување на емисијата на штетни гасови.
Градоначалникот Никола Бакрачески, како домаќин ја отвори оваа конференција изразувајќи надеж за плодна работа на учесниците.
„Верувајќи во моќта на знаењето, убеден сум дека сите правимме исти напори за интегрирање на мерки за намалување на јаглеродните емисии. Климатските промени наметнуваат потреба од еколошки иновативни пристапи и технологии во поддршка на економскиот развој и пораст.“-рече тој.
Според амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, улогата на сите е подеднакво важна бидејќи нивната вклученост поттикнува преземање конкретни акции.
„Може да зборуваме за она што се презело во минатото, еве еден факт, процентот на издувни гасови до 1970те години, сите емисии на издувни гасови низ индустриската револуција сега тие ги правиме секои десет години, 60 проценти од нив потекнуваат од земјите во развој, па ова е проблем кој сите мора заедно да го решаваме, го поминавме веќе делот кога се обвинувавме едни со други и баравме кој е одговорен. Мора заедно да работиме секој на сопствен начин, и промените започнуваат со глобални политики, но и со општински политики, започнува и со загрижени граѓани кои бараат од своите лидери да преземат акција.“-вели амбасадорот Бејли.
Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија се јавува како национален координатор за климатските промени. Според министерот Нурхан Изаири особено е важно што од национално, стратегиите сега се имплементираат и на локално ниво.
„Денешниот настан што се организира е да се вклучат и локалните власти кои се многу значајни во оваа стратегија така што стратегијата се спушта од централно ниво на локално ниво и нивниот придонес е многу значаен. Оваа конференција ќе даде и други насоки, кои насоки ќе се имплементираат во локалните стратегии а впрочем истите насоки ќе бидат вградени во нашата заклучна или нашата стратегија која ќе биде придонес кон конференцијата за климатски промени во Ноември, во Париз.“-рече министерот за животна средина, Нурхан Изаири.
Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека и Охрид како локална самоуправа презема одредени мерки во насока на намалување на емисијата на штетни гасови.
„Секако дека во неколкуте дискусии кои што општина Охрид ги организираше заеднички со експертите или сите оние здруженија или организации кои се занимаваат со намалување на јаглеродните емисии ги имавме во предвид можностите за ублажување на штетното дејство од емисијата на јаглеродни гасови меѓу кои беа разгледувани и предлози за замена на моторите не само оние кои оперираат во Охридското Езеро, во водниот сообраќај туку и на автомобилите и возилата кои најчесто се во согласност со европската легислатива.“-изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Дел од конференцијата беше и градоначалникот на Пехчево кое како општина е прва во земјава која воопшто изработила локална стратегија за климатски промени.
„Ние преземавме конкретно промена на фасади, ставивме термофасади на неколку институции, термостатски вентили во институциите поставивме, во Домот на културата имаме поставено систем на парно греење, ги сменивме сите светилки со штедливи, тоа е прв чекор, понатаму предвидуваме и други активности, регулирање на речни корита, и во селата исто имаме доста проблеми со поплавите кои постепено, едно по едно ги решаваме.“-информираше градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски.
Оваа тридневна конференција е организирана од Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. На неа учество земаат повеќе од стотина претставници на граѓански организации и општини од Југоисточна Европа, САД и Холандија, како и претставници од УНДП и УНЕСКО. Инаку проектот за Општински стратегии за климатски промени е четиригодишна иницијатива која ги подготвува општините да се справуваат со локалните предизвици предизвикани од климатските промени. Активностите се фокусирани на 8 општини и тоа Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово/Ростуше, Боговиње, Студеничани и Виница. Годинава активностите се прошируваат и со Прилеп и Делчево. УСАИД во рамки на овој проект ќе инвестира 3 милиони и 80 илјади долари за различни активности во избраните општини.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град