Дел од охридските училишта сеуште немаат планови за заштита и спасување

Изработката на овие планови, меѓу кои и оние за евакуација се законска обврска за сите образовни и јавни институции. Од Црвениот крст од Охрид кои ги имаат изработено плановите за најголемиот број од училиштата, апелираат до локалната и до менаџментот на училиштата што поскоро истите да бидат изработени.

 |  Мишел Наумоски  | 
plan spasuvanje

Дел од основните и средни училишта од градов сеуште немаат планови за заштита и спасување. Како образовни институции, изработката на ваквите планови вклучително и плановите за евакуација во случај на неповолен настан, според Законот за заштита и спасување се задолжителни за сите образовни и јавни институции. Црвениот крст од Охрид досега има изработено вакви планови за осум училишта во Охрид и Дебрца како и за сите објекти на градинката „Јасна Ристеска“.

planovi za evakuacija„Остануваат уште неколку училишта кои што сеуште немаат планови и како што секоја година апелираме, апелираме и сега до локалната самоуправа, на Охрид и на Дебрца час поскоро да направат напори за да се изготват овие планови за да можеме со сите училишта да ги направиме овие показни вежби во случај на несреќа да знаат сите како треба да реагираат. Тоа е законска обврска и на самите училишта и на локалната самоуправа, овие планови за евакуација и оспособеност на персоналот и на учениците да го имплементираат тој план.“-вели Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид.

Побаравме одговор од локалната самоуправа која е основач на образовните институции во градов и под чија надлежност се истите, кои основни и средни училишта немаат изработено вакви планови за заштита и спасување. Од таму со одговор:

ucilista planovi evakuacija„Во моментов јас немам таква информација кои училишта имаат или немаат таков план, меѓутоа верувам дека тие како субјекти законот би требало да го испочитуваат и законот им налага веројатно како правни субјекти ако ја немаат, да ја надополнат таа празнина во функионирањето на училиштата.“-рече Томе Џамтоски-Портпарол на општина Охрид.

Едно од средните училишта кои имаат ваков план за заштита и спасување е и средното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“. Директорката Славица Костеска не информира дека за нив, и за гимназијата, Црвениот крст го изработил планот во септември 2014тата година.

ekonomsko „Ние не измисливме ништо, туку според прописите кои постојат за начините на однесување во вакви услови, кои ги изработиле стручни служби за тоа, ние ги распределивме на нашите моментални услови. На бројот на вработени, одговорен за една активност, одговорен за друга активност за секој да знае во кој момент како треба да постапи. Мора да сме подготвени, не може да се делува на последиците, треба превентивно, во такви услови да се делува последиците да се намалат што е можно повеќе.“-изјави Костеска.

Инаку од Црвениот крст информираат дека досега, тие како организација изработиле планови за средното економско училиште и гимназијата, потоа основните „Христо Узунов“, „Климент Охридски“, „Братство Единство“ во населбата Лескајца, „Ванчо Николески“ во Лескоец и „Св.Наум Охридски“ во Пештани. Дополнително, на сопствена иницијатива, изработка на вакви планови побарал менаџментот на градинката „Јасна Ристеска“ во сите свои клонови.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top