Поворката демонстранти се движеше низ неколку улици во градов, а крајна дестинација беше зградата на СВР Охрид. До неа демонстрантите не успеаа да стигнат бидејќи кордон од полициски службеници го блокираше пристапот, но сепак тие побараа од полицајците да им се придружат на нивната страна.
Мирно и без инциденти помина денешниот протест на охриѓани против полициската бруталност.
„Нема правда, нема мир“, „Твоето премолчување, значи одобрување“, „Долу влада“. Овие пароли денес попладне одекнуваа низ охридските улици. Охриѓани, млади, средовечни, постари, со мирен протест денес и кажаа НЕ на полициската бруталност. Со тоа им се придружија на Скопје, Битола, Струмица, Прилеп, Штип, Св.НИколе, Куманово, Кавадарци во протестите кои започнаа пред три дена во главниот град. Граѓаните се организираа преку социјалните мрежи, каде беше истакнато дека целта е со мирен протест да се искаже револтот кој настана откако беше објавена опозициската бомба односно нелегално прислушуваните разговори кои според СДСМ покажуваат дека власта се обидела да го сокрие убиството на младиот скопјанец Мартин Нешковски во 2011та година.
Масата демонстранти чие збирно место беше градскиот плоштад, со транспаренти во рацете, свирејќи и извикувајќи пароли, се упати по булеварот „Македонски Просветители“, а нивна крајна цел беше зградата на Секторот за внатрешни работи од Охрид. До неа не успеаа да стигнат поради поставените полициски барикади кои кај зградата од ЕВН и противпожарната станица беа поставени најмалку еден час пред закажаниот термин на протестот. Низ градот, во текот на целиот ден беше забележливо зголеменото присуство на униформирани полициски службеници. Демонстрантите пред полициските барикади запалија свеќа во сеќавање на 22 годишниот Мартин, кој беше жртва на полициска бруталност.
Толпата скоро еден час остана на неколку метри од полициската станица, по што мирно се разотиде. За утре најавија повторно протест во 18 часот. Инаку, денеска се протестираше во девет градови низ државава, од кои најмасовно беше во Скопје. Таму на учесниците на протестот им беше оневозможено приближување до Владата, Собранието и зградата на МВР.
Демонстрантите, буквално прошетале пред сите овие институции, па дури и пред зградата во која живее премиерот Никола Груевски, за на крај, да се вратат пред зградата на Собранието на Република Македонија, каде што бараат оставки од највисоките функционери во Власта.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град