Популарниот американски готвач, кој е победник на реалното шоу Топ Шеф, вели дека кога ќе се врати во Америка, со себе ќе ги понесе богатите вкусови на Македонија.
Јужњачките вкусови на Америка, пржено пилешко и вкусна салата од компири подготвени од најдобриот американски готвач Кевин Сбрага во кујната на ФТУ во Охрид. Најдобрите охридски готвачи, токму во кујната разменуваа искуства и кулинарски вештини подготвувајќи традиционално американско јадење од југот, но на сопствен, карактеристичен начин. Популарниот готвач Сбрага, вели дека првото нешто што го пробал во Охрид е мезето и прекрасната охридска пастрмка за која смета дека е една од највкусните риби што некогаш ги пробал.
„Има многу трендови моментално во интернационалната кујна, но сега има некоја енергија, некоја возбуда за враќање кон основите на готвењето, локалните вкусови. Јас на пример, кога дојдов овде сакав да донесам дел од тие јужњачки американски вкусови, но кога ќе се вратам во САД со мене ќе ги понесам вкусовите на Македонија, сончогледот, пиперките, кромидот, младиот кромид, тие работи никогаш нема да ги заборавам бидејќи овие работи каде и да одиш имаат различен вкус, и токму на тој вкус ќе ме потсетува на Македонија.“-вели Кевин Сбрага-готвач и менаџер на ресторани во САД.
Проф.д-р Ангела Василеска до Факултетот за туризам и угостителство вели дека посетата на еден светски познат готвач е драгоцено искуство, не само за факултетот, туку и за охридските готвачи и менаџерите на охридски ресторани и хотели.
„Доста се разговараше околу она што јас постојано го повторувам, како треба да се искреира едно мени, дека тоа не треба да биде предолго, треба да содржи помалку јадења кои ќе бидат специфични, и кои ќе бидат карактеристични само за еден ресторан. Гледате од изложеното дека веќе имаме она што зборувавме дека презентацијата на храната е исклучително важна, може од чиниите да погледнете дека навистина и ние имаме добар начин на презентација, и Кевин ја презентира, но и сите други чинии имаат некој свој индивидуализам, некоја посебност која се издвојува. Може да кажеме дека овде во Охрид веќе почна да се развива начинот не само на кој е приготвена храната, вкусот туку и начинот на презентација што е исклучително важно.“-рече проф. Д-р Ангела Василеска од ФТУ.
Денес во рамките на посетата на Сбрага на Охрид, тој ќе има и демо презентација на јадења пред студентите на факултетот. Инаку овој познат готвач, Охрид и Факултетот за туризам и угостителство го посетува благодарение на Американската амбасада во Македонија, а освен во Охрид, ваква дружба и обука со готвачи тие ќе организираат и во Скопје.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град