Се поизвесна е изградбата на нов павиљон од геријатриското одделение во Охрид. Со ова ќе се реши долгогодишниот проблем на градов но и на регионов бидејќи сега на геријатриското одделение во Охрид се згрижуваат пациенти и од Струга, Кичево и Ресен.
На повидок е изградбата на новиот павиљон од геријатриското одделение при општата болница во Охрид. Директорот Љубен Арнаудов вели дека во тек е изготвувањето на проектната документација. Години наназад и општината и болницата се борат за проширување на ова одделение каде се сместени стари и изнемоштени лица.
Се соочуваме стварно со голем проблем и етички и медицински и морален. Геријатриското одделение вакво какво што е е планирано за некои стандарди кои важеа пред 20-30 години. Условите воопшто не одговараат на денешните стандарди, вели Арнаудов.
Денес стандардите налагаат во една соба да има двајца пациенти, а сега на геријатриското одделение има по пет-шест. Тоа се стари и болни лица на кои им е потребна посебна нега и згрижување. Многу е тешко во вакви услови да се задоволат нивните потреби. Некои од нив се и непокретни па персоналот мака мачи за да ги негува.
Несериозно е ние да се правиме глуви на овој проблем. Треба да се вложат сите напори за да се направи новиот оддел. Имавме повеќе архитектонски решенија. Планиравме да правиме и надградба на зградата, но на крајот се одлучивме за доградба на павиљон бидејќи за ваков вид на пациенти најдобро е да се сместени на приземје, вели Арнаудов.
Во новиот павиљон кој би се наоѓал на 15тина метри опд старата зграда би имало 40 соби со по 80 легла. Собите би биле направени по посебни стандарди. Во оние каде ќе бидат сместени непокретни пациенти ќе има и специјални кревети на кои може да се одржува и лична хигиена. Би се направила и занимална каде би се одвивал друштвениот живот, ќе се прави посебна менза и посебни купатила. Целокупниот проект чини 250 000евра. Парите ќе се обезбедат по разни основи. Дел од Министерството за здравство, дел од Локланата, а дел од донации. Веќе е контактирано со донатори од Австралија, Канада и Европа и кај нив постои интерес за донирање во новиот павиљон за стари лица. Со ова ќе се реши долгогодишниот проблем на градов но и на регионов бидејќи сега на геријатриското одделение во Охрид се згрижуваат пациенти и од Струга, Кичево и Ресен.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град